ШАХ – ПО ТИТУЛАТА НА ВЕТЕРАНСКОТО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА
- Турнирот беше многу борбен, со многу интересни партии, рече Станојоски, кој по седум кола, во конкуренција на 18 шахисти, освои 6,5 поени
Велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски, член на ШК Алкалоид, ги освои првото место, наградата од 40.000 денари и славеничкиот пехар на првото првенство на Македонија за ветерани во шах. По седум кола, во конкуренција на 18 шахисти, Станојоски (рејтинг 2.366, рангиран прв пред почетокот турнирот) освои 6,5 поени. Второто место му припадна ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Кралевски (2.029) со 5,5, а трет е ФМ Димитар Качаковски (1.987) со 4,5 поени, колку што имаше и Илија Стошевски (2.056), но со послаб дополнителен критериум. Во последното коло, Станојоски го победи Трајковски, а неговиот најголем конкурент ФМ Кралевски ремизира со ФМ Качаковски по само седум потези игра. Првенството, во организација на ШКВ Скопје 72, се одигра во „Негорски Бањи“ во Гевгелија.
– Вакви шампионати треба да има, како што ги има во сите соседни земји. Турнирот беше многу борбен, со многу интересни партии. Штета што немаше поголема масовност, можеби во иднина да се организира во друг период, пролет или есен. Мислам дека заслужено го освоив првото место. Имав неколку неизвесни и интересни партии, а некои партии ги добив и со малку среќа, каде што противниците правеа грешки во недостиг од време за размислување. На крајот сум презадоволен од освоените поени – ни изјави победникот Станојоски.
Резултати 7. коло: ВМ Станојоски (2.366) – Трајковски (1.881) 1-0, ФМ Кралевски (2.029) – ФМ Качаковски (1.987) реми, Стошевски (2.056) – ФМ Хаџи-Манев (1.965) 1-0, Наунов (2.137) – Јаневски (1.823) 0-1, Ѓорѓевски (1.789) – Петров (2.097) 0-1, Андонов (2.054) – Јованџиков 1-0, Томов (1.636) – Брзовски (1.709) 0-1, Ахчиев (1.688) – Ќосев 0-1. Слободен беше Топалов (1.633).
Табела: ВМ Станојоски 6,5, ФМ Кралевски 5,5, ФМ Качаковски и Стошевски по 4,5, Трајковски, Андонов, Петров и Јаневски по четири, Топалов и Брзовски по 3,5, Ѓорѓевски, Хаџи-Манев, Јованџиков и Наунов по три, Томов и Ќосев по 2,5, Ахчиев два и Башиќ, кој го напушти турнирот предвреме од оправдани причини, без бодови. Г.И.
































