Фото: ЕПА

Зошто е погрешен политички чекор да се отфрли препораката на папата Франциск

Повикот на папата Франциск до Украина да се охрабри да започне преговори за завршување на војната не наиде на разбирање во Киев. Веќе следниот ден претседателот Зеленски ја отфрли поканата на папата, тврдејќи дека Украина ја брани Европа.
Инаку, и досегашните реакции на Зеленски беа во правец на премолчна реакција, се разбира во насока на неприфаќање на мислењата на папата Франциск, но овој пат тој направи крупен преседан со јавна изјава отфрлајќи го ставот на католичкиот поглавар. Како врховни поглавари на Католичката црква, папите беа и сè уште се едни од ретките морални вертикали (за разлика од еден дел од високиот католички клер) чие мислење го слушаат не само католиците туку и многу христијани, па и пошироко. Затоа и многу поголеми државни и светски авторитети од Зеленски се плашеа да влезат во отворен судир со папите. Можеби можеа скриено да испратат атентатори против нив, но јавно да им се спротивстават, вешто го избегнуваа тоа.

Дали претседателот на Украина живее во посебен универзум

Прашањето за отвореното спротивставување на Зеленски со папата беше предмет на анализа во повеќе светски медиуми. Така, многу интересен осврт на ова прашање беше публикуван во хрватскиот портал „Индекс.хр“. Имено, во „Индекс.хр“ анализираат дека е „очигледно дека Зеленски, како и неговиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба (чие разрешување поради неактивност Зеленски неодамна го најави), кој исто така смета дека е соодветно директно да го нападнат предлогот на папата, живеат во некој свој посебен универзум и не разбираат дека 99 отсто од земјите што ѝ испраќаат помош на Украина за да преживее се состојат или од католички или христијански мнозински држави. Затоа, отвореното кажување на папата, кој повикува на прекин на војната и на страдањето не само на војниците туку и на цивилите, дека е на страната на злото не е најинтелигентната работа. Притоа, порталот го проблематизира и спомнувањето на папата Пиј XII и неговата улога во Втората светска војна. „Значи, кога Кулеба ја спомнува Втората светска војна, да споменеме и дека ниту Адолф Хитлер не се осмели отворено да ги нападне папата Пиј и Ватикан кога Вермахтот го окупира Рим во септември 1943 година. Плашејќи се од Германците, со кои станаа сојузници само неколку дена претходно, италијанскиот крал и премиер побегнаа на југот на Италија. Папата остана во Рим“, пишува „Индекс“ во својата анализа.
И во други западни медиуми што се осврнаа на оваа прашање постапката на Кулеба беше посочена како „ставање трн во здрава нога“. Имено, постапката на Кулеба во медиумите беше силно критикувана, бидејќи тој иронично се осврна на „заслугата“ на сегашниот папа за нешто што се случило пред повеќе од осумдесет години, што е оценето како сосема погрешно. Тоа е допирање на времињата во кои, според критериумите на Кулеба, и многу Украинци беа на погрешна страна. Некој би помислил дека Зеленски и Кулеба многу се трудат да ја свртат европската и американската јавност против нив што е можно повеќе, гласеа дел од коментарите.
Во целата оваа новонастаната ситуација, Зеленски единствената поддршка ја доби од германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок од Партијата на зелените. Партија што поради ваквите и слични ставови има помала поддршка на анкетите од ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (14 наспроти 19 проценти).

Американската помош се проблематизира

Во повеќето анализи посебно се проблематизира ситуацијата во САД во однос на испраќањето помош за Украина. Имено, се укажува дека планот на Трамп за намалување на финансирањето на Украина веќе го спроведуваат републиканците во Претставничкиот дом. Иницијативата на умерените републиканци дека со демократите ќе ја поттикнат помошта за Украина секој ден изгледа сè помалку веројатна, наведуваат медиумите. Притоа се укажува дека со исфрлањето на Ники Хејли од претседателската трка (во која и онака немаше апсолутно никакви шанси), Трамп стана републиканскиот претседателски кандидат за кого номинацијата е само формалност. Наедно, со Републиканската партија од 8 март претседава лојалистот на Трамп, Мајкл Ватли, иако партијата всушност ќе ја води снаата на Трамп, Лара Трамп. Тоа дополнително ја влоши позицијата на умерените републиканци во Конгресот (и низ целата партија).
Иницијативата на умерениот републиканец Брајан Фицпатрик за формирање сојуз меѓу демократите и умерените републиканци во Претставничкиот дом за гласање за Украина од 61 милијарда долари има уште помали шанси за успех бидејќи сите републиканци што ќе ја поддржат речиси сигурно ќе ја загубат поддршката на партијата на следните избори. Без партиска поддршка, одметнатите републиканци не само што никогаш повеќе нема да го видат Конгресот туку и ќе ѝ стават крај на својата политичка кариера, коментира „Индекс“.
Тука може да се додаде и фактот дека решеноста на Трамп повеќе да не дозволува финансирање за Украина ја потврди и Орбан, кој разговараше со него во резиденцијата на семејството Трамп на Флорида, Мар-а-Лаго. Фактот дека Трамп му ги потврдил ставовите за Украина на европски премиер има значително поголема тежина отколку кога го искажувале партиските лидери на изборни митинзи. Трамп исто така му потврдил на Орбан дека има намера да им наплати американска заштита на европските сојузници. Орбан тврди дека Трамп му рекол дека Европејците ќе имаат две опции – или скапи инвестиции во зајакнувањето на сопствените вооружени сили или да ја платат цената на безбедноста на Американците.

Сѐ помалку опции за европските лидери

Со сè поголемата веројатност за победа на Трамп и враќање во Овалната соба, европските политички лидери имаат сè помалку опции. Или да продолжат да ѝ помагаат на Украина и со тоа дополнително да ги ослабат сопствените одбранбени капацитети, или да престанат да ѝ помагаат на Украина и да ги насочат сите капацитети кон зајакнување на вооружените сили што биле запоставени четириесет години, бидејќи лесно може да се случи со сета европска помош Украина сепак да пропадне и да не може да ја брани својата независност.
Во такви услови, кога европските земји продолжуваат да му помагаат на Киев и на штета на сопствените одбранбени капацитети, нападот на Зеленски врз папата Франциск е сериозен неуспех. На крајот на краиштата, со секој месец поблиску до претседателските избори во САД, Путин има сѐ помалку потреба да започне какви било преговори, заклучува „Индекс.хр“. П.Р./ Р.С.