Фото: Маја Јаневска-Илиева

Следниве избори, на 8 мај, се клучни за иднината на Македонија. Мора да си ја вратиме надежта и мора да создадеме услови за промени. Не можеме да очекуваме тие промени да ги донесат одредени луѓе ако ја немаат поддршката од мнозинството граѓани. Ние сме свесни за анкетите, за резултатите што ги покажуваат тие истражувања на јавното мислење, но секој треба да биде свесен дека не треба некој друг да му ја заврши работата. Секој треба да биде дел и учесник во случувањето на тие промени. Тоа ќе се случи единствено со одење на избирачко место и со заокружување на бројот на избирачкото ливче за кој претходно се одлучил гласачот

Интервју со Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичката партија на Македонија

Сериозно наближуваме до роковите за официјален почеток на кампањата за претстојните претседателски и парламентарни избори. Како ќе настапите како партија на претстојните избори?

– Ние имаме стратегиски договор за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и сме составен дел од најголемата политичка коалиција во Македонија. Тоа е коалицијата „Обнова на Македонија“. Во 2005 година, нас нѐ поврзаа со ВМРО-ДПМНЕ истото гледиште, истите ставови по основ на македонските национални прашања. Нема никаква разлика, и тоа до ден-денес се потврдува дека сме донеле вистинска одлука – и ние, а секако и ВМРО-ДПМНЕ. Со текот на годините, таа врска што ја имаме воспоставено, тие односи сѐ повеќе се продлабочуваат – и по лична основа, на ниво на претседатели на партии, но и пошироко, затоа што веќе има една многу добра соработка помеѓу општинските организации и општинските комитети на терен. Овие избори за нас се 14-ти или 15-ти во изминатиот период, така што не се ништо ново. Социјалистичката партија е дел од предизборната програма, која ќе им се понуди на македонските граѓани да добијат сознанија што е тоа што ние го нудиме. А нема да нудиме ништо повеќе од она за што сметаме дека можеме да го реализираме.
Стандарден договор е, како што било од 2005 година досега, да одиме со истиот број пратеници. Сметаме дека и ние треба да бидеме коректни, меѓутоа од друга страна и нашите коалициски партнери се коректни. Социјалистичката партија, од сите партии во коалицијата, веројатно е најсериозната политичка партија, која има сопствена инфраструктура. Имаме општински организации во 61 општина низ Македонија. Тоа е еден податок што доволно зборува за одличната организираност на партијата. Имаме сериозен број на членство, симпатизери и поддржувачи.
Како особен предизвик во македонскиот политички амбиент, последниве години се наметнуваат уставните измени. Каква е позицијата на Социјалистичката партија за иницијативите со призвук на условувања за измени на македонскиот устав?
– Тие предлози за нас како партија се неприфатливи! Прво, не станува збор само за избор на претседател на државата во Собранието туку и за воведување нова функција – потпретседател на Републиката. Сето тоа би требало да биде изведено со чин на гласање во Собранието, но со Бадентерово мнозинство. По тој основ сметам дека буквално се погазува демократијата во Република Македонија. Зошто? Затоа што граѓаните имаат право, како и обврска, на непосредни избори да го избираат шефот на државата, а не преку Собранието. Во таква ситуација, ние би имале „британска кралица“ за претседател, која нема да има никаква улога во државата, за разлика од сега, кога колку-толку во согласност со Уставот извршната власт е поделена помеѓу владата и претседателот на државата. Освен тоа, има и други условувања поврзани со уставните измени, а тоа се т.н. „бугарско прашање“ и статусот на албанскиот јазик. Претходно Уставот претрпе многу измени во согласност со Охридскиот (рамковниот) договор. Сметам дека тоа е сосема доволен индикатор за црвено светло за следниве барања за уставни измени. Уставот не смее толку често да се менува. Тоа е една работа. Од друга страна, македонскиот, како и словенечкиот устав, по дисолуцијата на Југославија, токму од Европската Унија беше оценет како еден од најдобрите устави од државите произлезени од бившите југословенски републики. Ако толку бил добар и прифатен од страна на ЕУ (според оцената на Бадентер), зошто ние сега речиси на секои две години интервенираме во Уставот со конкретни измени и што повлекуваат со себе сериозни последици.
Во тој контекст на иницијативи за уставни измени, ние во Социјалистичката партија сметаме дека Македонија треба со Уставот да се врати на асномските темели на државата. Тоа значи дека државотворен народ во Република Македонија е македонскиот народ. Бидејќи Република Македонија е единственото парче простор каде што македонскиот народ има своја држава, треба навистина да го ужива правото на државотворноста и на државноста, како впрочем и секој друг народ. Сите други малцинства во Македонија ги имаат истите граѓански права како Македонците, за сите имаме разбирање, но и другите етнички заедници треба во овие исклучително важни години за македонскиот народ да имаат разбирање за проблемите со кои се соочува и да му помогнат и да го поддржат да ги надминеме заедно.
Како гледате на условувањата со измени на Уставот во т.н. француски предлог, со почеток на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ?
– Неприфатливи се, зашто бугарските барања станаа дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Ние не преговараме со Софија за влез на Македонија во ЕУ, односно за започнување на преговарачкиот процес, туку преговараме со администрацијата во Брисел. Ние треба да ги исполнуваме критериумите на Брисел, но притоа да се раководиме според копенхашките критериуми, а таму не се содржани овие барања на Софија.
Би поставил и едно прашање: Секоја земја членка на ЕУ дава изјава дека со своите соседи нема ниту едно нерешено прашање. Така беше и случајот со Бугарија. Тие пред да станат членка на ЕУ изјавија дека немаат проблеми со соседите. Сега излезе дека има проблем според нив. Ние, како Македонија, немаме проблем. Ние би се согласиле за усвојување на барањето за внесување на Бугарите во македонскиот устав, но тоа да биде на база на реципроцитет – и македонското малцинство во Бугарија да биде конститутивен елемент во бугарскиот устав. Ќе добиеме одговор дека тоа е невозможно. Во тој случај, и нашиот устав не е хартија на која секој ден треба да се допишува нешто, доколку од другата страна што бара не постои подготвеност за отстапка или за реципроцитет. Освен тоа, го имаме и Бледскиот договор, според кој им беа овозможени широки права на Македонците во пиринскиот дел на Бугарија, каде што имаше и културни домови и училишта, каде што се учеше на македонски јазик. Но сето тоа денес го нема во Бугарија. Бледскиот договор регулираше и многу други прашања, кои сега се подзаборавени. Нашето внимание треба да го концентрираме тука, а не преку францускиот предлог со двата катастрофални протоколи. Не е проблематичен само Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, туку уште попоразителни за македонските национални интереси се и самите протоколи и нивната содржина, од кои произлегуваат обврските што ги има преземено македонската страна. И на крајот, како „круна“ на сето тоа е постоењето на онаа несреќна Историска комисија, од која буквално зависи сѐ, односно е алатка за постојани условувања на Софија спрема Македонија во текот на преговарачкиот процес со ЕУ. Затоа сметаме дека треба да се остане принципиелен и доследен во македонските ставови.
Ќе потсетам на една ситуација од февруари 2017 година. Пред формирањето на владата на СДСМ и ДУИ, која всушност ги направи најголемите отстапки и големото велепредавство со потпишувањето на Договорот во Нивици и овој Договор за добрососедство со Бугарија… Социјалистичката партија истапи со една сеопфатна платформа за заштита на македонските национални и државни интереси. Тој документ, на кој со текот на времето се придружија и видни македонски интелектуалци, им беше доставен на најголемите политички партии, на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Оставивме временски период во рок од десет дена да добиеме повратен одговор дали ги прифаќаат или не поставените црвени линии во тој документ. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ добивме позитивен одговор, но од СДСМ дури и не бевме удостоени со одговор за толку сериозна тема, освен со една прес-конференција „од нога“ на тогашниот портпарол, кој напомена дека сите тие чувствителни прашања се составен дел од предизборната програма на СДСМ. Што можевме друго да направиме тогаш, освен да го објавиме тој документ, токму во вашиот весник, за да може јавноста да има увид во тоа што го предлагаме ние, а не беше прифатено од другата страна. Се случија сите овие работи и очекуваме дека новата влада, која ќе ја добие поддршката од македонските граѓани, ќе ја разбуди надежта на македонските граѓани дека не е сѐ изгубено. Како коалиција сакаме да ја вратиме надежта дека има некој што се грижи за државата и за народот, дека ќе направиме сѐ да ги коригираме сите оние катастрофално лоши работи што се веќе случени. За тоа ни требаат големо трпение, време, разбирање, енергија, знаење, но секако и меѓународна поддршка. Затоа ние треба да го шириме кругот на нашите пријатели, кои од надвор ќе нѐ поддржат во тоа што го бараме. Нашите барања се праведни. Сите конвенции на Обединетите нации говорат дека ние имаме право што ни е узурпирано. Но најболниот факт е што тоа право ни е узурпирано од една внатрешна домашна елита, која во одреден момент се одлучила на такви чекори и која нанела катастрофални и несогледливи последици за македонскиот народ, неговите национални интереси, како и за државните интереси.
Забелешките за нескротената корупција во Македонија се неодминливи во забелешките на сите релевантни меѓународни институции што го следат овој недемократски феномен. Каде го гледате решението за справување со корупцијата?
– Дали имаме енормна корупција во државата? Имаме! Зошто е тоа така? Еве едно мое согледување, зашто многу добро ја имам запознаено администрацијата. Секаде каде што во согласност со закон е дозволено да се потпише некој документ на кој му следува државен печат, тоа е предуслов за почеток на корупција. Сето тоа зависи од човекот, односно од вработениот, дали е подложен на такви работи, или има точка на топење. Тоа е искушение за добивање на кој било документ.
Затоа, следниве избори, на 8 мај, се клучни за иднината на Македонија. Мора да си ја вратиме надежта и мора да создадеме услови за промени. Не можеме да очекуваме тие промени да ги донесат одредени луѓе ако ја немаат поддршката од мнозинството граѓани. Ние сме свесни за анкетите, за резултатите што ги покажуваат тие истражувања на јавното мислење, но секој треба да биде свесен дека не треба некој друг да му ја заврши работата. Секој треба да биде дел и учесник во случувањето на тие промени. Тоа ќе се случи единствено со одење на избирачко место и заокружување на бројот на избирачкото ливче за кој претходно се одлучил гласачот. Се надеваме, односно уверени сме дека најголемиот број граѓани ќе ни ја дадат нам довербата. Македонија мора да продолжи да се развива, да живее демократски живот, да ја збогати својата демократија, да ги подобри условите за живеење во државата…