На годинашното педесет и прво издание на еден од најстарите фестивали за млади пејачи во регионов „Студентско лето“ во Маглај, Босна и Херцеговина, Македонија ќе ја претстават четири имиња од најновата генерација на македонската естрада.
Фестивалот ќе има две фестивалски вечери, една посветена на народната музика, една посветена на забавната, а ќе се одржи на 8 и 9 септември во Маглај.
Огнен Здравковски и Мите Стоилков од Скопје, Никола Зацески од Битола и Дамјан Стоименовски од Македонска Каменица се избрани од страна на жирито за учество на овој престижен фестивал, на кој годинава ќе настапат учесници од седум земји. Претседател на стручното жири годинава е истакнатиот српски композитор, продуцент и диригент Јован Адамов од Нови Сад, а изведбите ќе бидат оценувани и од новинарското жири составено од новинари од целиот регион, како и публиката во салата.
Триесетината учесници ќе настапат со фестивалскиот оркестар под диригенство на проф. Амир Мухаремовиќ, кој годинава ќе биде проширен со исклучителни академски музичари. Организацискиот одбор годинава го сочинуваат претседателката Елдина Мехинагиќ и членовите Арнела Тумбиќ, Јосиф Антуновиќ и проф. Бенјамин Хасаниќ. За годинешниот фестивал ќе известуваат медиуми од Србија. Хрватска, Словенија, Македонија и Босна и Херцеговина.
Да потсетиме, минатата година на овој фестивал Македонија исто така имаше четири учесника, и тоа Јана Спировска, Иван Илиев, Кристијан Демјански и Омар Џафероски, а низ историјата на фестивалот на таа сцена настапиле и некои од нашите најголеми музички имиња, како Верица Ристевска, Никола Давидовски, Цветанка Ласкова и други.

Ф.Д.