Многу често се случува домашни политичари од највисок калибар (претседател на држава, премиер, министри) да прават фрапантни грешки во низа, што укажува дека станува збор за целосно незнаење, политичка дезориентираност или можеби грешки со умисла и тенденција, што е крајно опасно за државата. Тоа дополнително ги прави немоќни и ранливи клучните државни институции, растргнати меѓу своите надлежности од една страна и политичките интереси и влијанија од друга

ПРВИТЕ ЛУЃЕ НА МАКЕДОНИЈА СО ТЕШКИ ГАФОВИ ВО НИЗА, КОИ ПОСТОЈАНО ИМ СЕ ПОВТОРУВААТ

Се вели дека повторувањето е мајка на знаењето. Но кога некој постојано повторува едни исти грешки, тогаш веројатно станува збор за целосно незнаење, политичка дезориентираност или можеби грешки со умисла и тенденција, што е крајно опасно за државата.
Токму тоа им се случува на првите луѓе на државата, постојано прават едни исти грешки. Зачудува што премиерот, министрите, претседателот на државата и други функционери и политичари не знаат да направат разлика какво е македонското општество, каква држава е Македонија и какво е нејзиното државно уредување. Па, така, постојано, нонстоп, во секоја можна пригода ги мешаат поимите и велат дека „Македонија е мултиетничка држава“(!?), што е тотално погрешно. Последниот таков гаф, во однос на дефинирањето на карактерот на државата, го направи претседателот Стево Пендаровски во својата реакција по повод случувањата поврзани со посетата на косовскиот премиер Албин Курти.
– Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост, со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава – порача Пендаровски.
Претседателот е во право во првиот дел од изјавата, кој се однесува на провокациите и иконографијата за великодржавни шовинистички идеи, но целосно греши кога ја карактеризира Македонија како мултиетничка држава.
Македонија по својот карактер и државно уредување воопшто не е мултиетничка држава, туку е мултиетничко општество. А тоа е голема разлика. Правните експерти се едногласни дека мешањето на поимите и именувањето на Македонија како мултиетничка држава наместо како мултиетничко општество е сериозно индикативно и крајно опасно за иднината на државата.
– Погрешното ословување како мултиетничка држава значи дека Македонија не е унитарна, дека конституенти на државата се повеќе народи, дека носителот на државноста не е еден народ, туку дека уставно тоа е редистрибуирано на повеќе државотворни етникуми, кои имаат статус на народи, дека карактерот на државата не е унитарен и монолитен, туку дека е поблиску до некаков сојуз на територијални единици (општини), изградени според етничкиот принцип, што, пак, рефлектира кон федерација или конфедерација. Затоа ваквото ословување, како мултиетничка држава, е крајно погрешно и неприфатливо. Уставно и концепциски Македонија е национална држава на македонскиот народ, таа е унитарна држава, што значи дека, според внатрешната организација, е неделива – категорични се правните експерти.
Затоа, според нив, секакво понатамошно именување или ословување како мултиетничка држава е погубно и штетно за државата и создава конфузија кај граѓаните.

– Притоа особено носителите на власта треба да обрнат посебно внимание помнејќи дека Македонија е мултинационално општество, а не мултинационална држава – експлицитни се експертите по уставно право, повикувајќи се на македонскиот Устав!.
„Нова Македонија“ и претходно во повеќе наврати укажуваше на овие фрапантни грешки, незнаење, политичка конфузија и дезориентираност на првите луѓе во македонската политика. Македонија по своето уставно уредување е унитарна држава на македонскиот народ и другите „делови на народи“ што живеат во неа, додека македонското општество е мултиетничко. И мултиконфесионално. И мултикултурно. Но општество, а не држава.
И кога сме кај гафовите, често се случува, повторно поради нечие незнаење или можеби политичка умисла, да се мешаат надлежностите и одговорностите.
Тоа дополнително ги прави немоќни и ранливи клучните државни институции, растргнати меѓу своите надлежности од една страна и политичките интереси и влијанија од друга.
Најново, кабинетот на претседателот Пендаровски бара да се провери гласањето во Чаир за преименувањето на улицата Втора македонска бригада во Адем Демачи, иако одлуката е донесена во Град Скопје. Дали е можно шефот на државата и луѓето околу него да не знаат дека скопските општини и нивните совети немаат надлежност да преименуваат и именуваат улици, бидејќи тоа во Скопје го прави исклучително Советот на градот. Значи, одлуката е донесена на друго место, на ниво на градот, а не во општината каде што се спроведува.
Два гафа во еден ден, и тоа од претседател на држава, е навистина премногу.
Вакви примери на политички гафови има уште доста, но овој пат нема да ги набројуваме. Зашто клучно, сепак, е да се испрати порака и вакви грешки да не се повторуваат во иднина.