Драги деца, од денеска во новата рубрика „Запознај ја татковината преку поезија“ ќе имате можност да прочитате песни на познати македонски поети за деца, посветени на градови, села, реки, езера, планини…, воопшто на убавините на нашата татковина. Денеска гостин ни е писателот Васил Мукаетов, со неколку свои песни од книгата „Чукни, чукни трипати“
Од Полог до Ресенско
Стигнуваат покани
од Полог, од Тетовско,
од Ресенско.
Се бара
помагање есенско.
Црвенило
по овоштарниците
созреале јаболкниците.
Грижа мала:
– Ти само најди си
скала.
Што берат во Берово?
Овде ќе биде,
сите береле до еден.
Сѐ што созреало,
секој плод вреден.
Овие се под планина.
Лета свежи, есента поранува.
Зимата кај нив прва.
Најнапред береле дрва.
Мириса градот на буковина,
на расцветана дабовина.
Па, сѐ по ред,
сѐ под покрив.
Овошки, питоми и диви.
Дури и оревите
што ги сокрив.
Сѐ обрано и собрано,
Ништо да ги запре.
Ни време северово.
И ете им го Берово!
Македонски Брод
Која вода
под овој свод,
токму тука се прославила,
на суво го оставила
Македонски Брод?
За вакви дилеми стари,
помагаат археолози
и географи.
Зошто не и децата
во некоја книга
прочитана.
И нека се обидат да фатат
немирна пастрмка
во студена Треска заскитана.
Нам едно ни е јасно:
– Поречието
ни е прекрасно.
Кој пат води Мариово
Песнава си ја чул,
бисер во ризницата наша.
Кој пат води Мариово?
Патникот и во песна
ќе се праша.
Тука е. Под планината,
Сѐ е Мариово,
Дуње – во средината.
На Итар Пејо – итроштината,
на шегата,
царштината.
…Оделе на пазар
во Прилеп.
Суво лепче во торба.
Од Перо совет:
– Земете вода од Црна,
Еве ви рибина чорба.
Наши песни, овдешни.
Сказни и приказни.
„Слушај, слушај,
калеш бре Анѓо“
славни бисерни
зборови.
Песната го обиколи светот,
а тргна од наши
сметени дворови.
Од Долнени до Лозово,
сѐ е розово
Секоја боја
си има свое име,
така е во целиот свет.
За една, розовата,
прифатиле сите
– црешов цвет.
Обичаи разни.
Кога расцветуваат црешите
во Јапонија,
национален празник.
Па, и кај нас.
Праскините цветови,
розови светови.
Розово
од Долнени до Лозово.
Покрај ливади запри
ќе видиш,
розов цел април.
Крива
Паланка
Оној што го градел
ова гратче, пред сѐ
искривил сѐ!
Друга причина
немало.
Кондицијата
ја снемало.
А му се брзало,
не чекал.
И градот крив
и Крива Река.
И гледај сега
– страна петта:
– Никому ова не му смета.
Раскажаново во живо.
Тој што раскажа
седеше криво.
Круша до круша
– Крушево
Сѐ се може,
зборче до зборче
ако се сложи.
Круша до круша…
А веќе се слуша:
– Од сите пазари градски
во Крушево,
крушите се најслатки!
И блиску е до умот,
така мислел и кумот.