Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани
Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата (7)
Современите трендови на демократијата и плурализмот налагаат сфаќање на демократското владеење, како вид на владеење чија базична претпоставка е интеракцијата меѓу граѓаните, политичките субјекти на власт и политичките субјекти во опозиција. Тоа е перманентна интеракција што се остварува преку двонасочен тек на комуницирање помеѓу наведените субјекти. Политичките субјекти (партии) иницираат комуникациски процес со цел преку информирање или убедување да ја задржат постигнатата или пак да постигнат повисока форма на консензус. Во овој процес се вклучени и невладиниот сектор и медиумите, кои исто така испраќаат информации до граѓаните. Целината на овие процеси претставува политичко комуницирање. Сите овие текови на политичко комуницирање влијаат врз јавното мислење (граѓаните) и го активираат. Тоа предизвикува повратен тек (feed back) на реакции, информации, однесувања и мислења што се насочени кон политичките субјекти. Стратегиски интерес на политичките партии е да влијаат врз членовите, симпатизерите и пошироката јавност (граѓаните избирачи).
Од овие причини политичките партии и коалиции своето влијание го насочуваат и кон масовните медиуми, бидејќи секогаш сакаат да ја освојат широката, а најчесто неопределена јавност. Тоа концентрирано влијание, односно „напаѓање“ преку аудиовизуелни пораки, спотови, плакати, промоции, и нивно презентирање преку масовните медиуми се карактеристични, особено, за изборите и изборниот процес. Политичките партии безмалку секојдневно водат политичка пропагандна активност за задржување на наклонетоста на избирачкото тело. За таа цел тие артикулираат разновидни економски, социјални, образовни, еколошки и други интереси на граѓаните, кои добиваат јавна експресија. На овој начин јавното и мултимедијалното артикулирање на политизираните облици на интереси стана без малку императив за политичките партии.
Политичките партии во овој контекст се принудени да ги презентираат своите ставови во врска со сите економски, општествени, социјални, еколошки и политички прашања што се актуелни. Презентацијата на ставовите за актуелните состојби, односи, проблеми и прашања за унапредување на квалитетот на живеење во државата и општеството ја прават како политичките партии на власт, така и политичките партии во опозиција. Сите тие заедно постојано мораат да ги убедуваат избирачите дека ќе го задржат прокламираниот курс и дека се способни компетентно да управуваат. Тоа е и сржта, содржината и суштината на изборните кампањи, која се остварува преку политичката пропаганда. Токму затоа политичката регрутација на нови избирачи или симпатизери преку интерактивна медиумска активност и непосредно комуницирање (претставување) со граѓаните избирачи е на врвот на агендата на партиските приоритети.
Ова претставување има долгорочна стратегија, комплексен „медиумски план“, подготовка на медиумските настапи/презентации до перфектност, купување насловни страници (печатени медиуми) и ударно време (електронски медиуми), и на крајот математичка прецизност на „напаѓање“ на целните групи. Политичката изборна пропаганда сугерира или наметнува ставови и мислења што често ги менуваат однесувањето, политичките, филозофските и верските убедувања на реципиентите. Оваа пропаганда развива многубројни облици и стандарди, првенствено со цел да продре во најдлабоките слоеви на психата, да влијае и врз потсвеста и рационалното размислување на човекот. Истата таа е поврзана со волјата на луѓето и затоа има политички цели.
Постојат три основни вида на политичка пропаганда: 1. Отворена и непосредна пропаганда, во која целите се познати уште од самиот почеток; 2. Продолжена/дифузна пропаганда, со која се создава соодветна психолошка атмосфера/амбиент, како основа за некоја акција/реагирање во ситуација што следува, и 3. Посредна пропаганда, во која целта не се декларира јасно, туку се создаваат психолошки услови за прифаќање определена пропагандна порака. Кампањата сѐ уште официјално не е почната, а сите три вида пропаганди веќе на големо „верглаат“ на јавната сцена.
Утврдени се неколку основни правила на политичката пропаганда: правило на симплификација, што значи дека политичката програма мора да се поедностави и да се формира еден ефикасен и пропаганден речник, т.е. соодветно гесло, слоган или парола; правило на непријател, што претставува идеолошко и програмско исклучување на сите други концепти што не се во согласност со протежираниот концепт (во овие предизборни денови ова правило го има во изобилство); правило на „форсирање“ еден аспект на политичката програма што се презентира пред јавноста, додека несаканите ефекти се премолчуваат (систем на полувистини, дезинформации, насочување на вистината и друго); правило на „оркестрирање“ што се темели врз повторување на исти теми, содржини или идеи, со збор, слика или звук; правило на кохезивност, што се темели врз принципот на конформизам, колективно однесување, навики, норми, агитација или слично; правило на трансфузија, кое се темели врз филогенетски конструкции, фантазии, архетипски примери, митови или слични ирационални појави; правило на стратегија на противпропаганда, чија цел е уништување на пропагандата на противникот или на определен политички субјект (СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ и обратно, ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ, ДУИ против сите, па дури и против Русите, и сите против Левица, ама и Левица против сите).
Ова правило има свои потправила: да се откријат темите на противникот и неговата стратегија; да се откријат и нападнат слабите точки на противникот; да се истакне противречноста на противничката пропагандна кампања од гледна точка на реалните факти и аргументи; да се направи смешен противникот во очите на јавноста; да се мистифицира ситуацијата на начин како да владее некоја предимензионирана атмосфера на сила и моќ (Љубомир Јакимовски, „Изборите, политичката пропаганда, политичкиот маркетинг и медиумите“, Совет за радиодифузија на РМ, 2003).
Моќта на политичката пропаганда
Политичката пропаганда, за време на изборите, има цел да изврши влијание, да ги привлечи и да ги убеди целните групи избирачи на кои им е наменета. Затоа таа треба да биде приспособена така што тие на кои е наменета да можат веднаш да ја прифатат. Тоа се случува кога оваа пропаганда кореспондира со биолошките, социолошките, психолошките и економските потреби на гласачите. Ефектот и степенот на убедувањето се поврзани во прв ред со тоа пропагандната порака да биде тековно сознајна, привлечна и пред сѐ разбирлива. Таа мора да биде компатибилна со личните, групните и општествените вредности на целните групи избирачи. Оваа политичка пропаганда во себе го вклучува и елементот на непредвидливост, кој настанува поради комплексноста на односите помеѓу целните групи, партиската компетитивност и временските димензии. Затоа пропагандата мора да има целно/термински флексибилен план.
Моќта на влијанието и прифаќањето на пропагандата се поврзани со потребите и способноста и мотивациската структура на интересните групи да ги идентификуваат нејзините најзначајни пораки. Пораката мора да кореспондира со биолошката, материјалната, социјалната и психолошката полза за припадниците на целните групи.
Биолошката полза се однесува на здравјето на примателот на пораката или на неговата егзистенцијална загрозеност, поточно на биолошката или еколошката загрозеност на поединецот или народот. Материјалната полза е поврзана со ветувањето на партиите и кандидатите во изборната кампања во врска со пониски даноци, повисоки плати, сигурни пензии, поволности во здравството и образованието и друго. Социјалната полза, пак, е во врска со евентуалниот статус и углед на индивидуата и социјалните групи, но и сигурност на секојдневното живеење преку решавање на егзистенцијалните и други социјални конфликти.
На крајот може да се каже дека политичката пропаганда „произведува“ и психолошка полза, која е поврзана со јакнење на чувството на самовреднување, самодоверба, сигурност, поврзани како со сопствениот идентитет, така и со националната свест, патриотизмот и задоволството од меѓународната положба/перспектива на државата. Познавањето на мотивациската структура на избирачите е исклучително важно за политичката пропаганда, затоа што различни општествени групи во различни ситуации и време имаат различна структура на потреби, што значи во еден случај повеќе се отворени за еден вид пораки, а за други пораки стануваат сосема неосетливи и несензибилни.
Сотир Костов
(продолжува)