ПОЛСКА НА РАБОТ НА УСТАВНА КРИЗА
- Кризата во Полска веќе не е само спор меѓу судии и политичари, меѓу либерали и суверенисти, туку сериозен тест за стабилноста на една од најважните членки на Европската Унија
Полска повторно се најде во центарот на европското политичко внимание, веројатно со почетокот на длабоката уставна криза, која го доведе во прашање функционирањето на нејзините највисоки институции. Корените на судирот датираат од 2015 година, кога суверенистичката партија Право и правда (ПиС) дојде на власт и започна сериозни промени во судскиот систем. Со именувањата на нови судии во Уставниот суд и со реформите во судскиот систем беа предизвикани реакции во Брисел, односно обвинувања од страна на либералните елити во ЕУ за „нарушување на владеењето на правото“. Полска, како членка на ЕУ, поради реформите во својот национален судски систем, беше предмет на различни ЕУ-механизми на опструкции на реформите, бидејќи не беа по теркот на насоките на Европската комисија. Со тој внатрешен судир во ЕУ, на релацијата Варшава – Брисел, се направија и длабоки поделби во полското општество, по една идеолошка линија што ги подели граѓаните. Едниот дел, односно половина што сакаат Полска да се движи по линија на суверенизам и да одлучува за себе и иднината, тргнувајќи првенствено од своите национални интереси, а вториот дел на полски граѓани што својата иднина и иднината на државата ги гледаат во подлабоката интеграција со ЕУ, низ која интересите на Полска првенствено ќе се координираат и ускладуваат со Брисел, Европската комисија, односно либералните политики на актуелните европски институции, во насока на повисоко системско поврзување во Унијата и делегирање низа прашања од внатрешен карактер на центарот во Брисел.
Во 2023 година сегашниот премиер Доналд Туск, предводник на либералното крило во Полска, со политичка либерална програма и посилни интегративни врски со Брисел во насока на централизација на Унијата, се врати на премиерската функција ветувајќи „обновување на европските стандарди“. Таквите политики на премиерот Туск оттогаш се соочуваат со отпор од претседателската институција (шефот на државата) и конзервативната опозиција, кои тргнуваат од суверенистички позиции.
Судирот ескалира
Новата фаза на кризата се отвори годинава, кога спорот околу именувањето на новите уставни судии повторно ја парализира институцијата. Претседателот Карол Навроцки, суверенист и на идеолошки спротивната страна на премиерот Туск, одби да ги прими заклетвите на дел од судиите избрани од парламентарното мнозинство, оспорувајќи ја законитоста на постапката.
На 30 октомври судирот достигна драматична точка. Имено, судијката Ана Корвин-Пјотровска објави суспензија на претседателот на Трибуналот, Богдан Швјечковски, и неговиот заменик. Владата на премиерот Туск го претстави овој потег на судијката Ана Корвин-Пјотровска како „обид за деблокирање на институцијата“, додека опозицијата, обратно, го оцени како „противуставно преземање на судската власт“.
За издвојување е дека во таков тек на настани претседателот на Полска, Навроцки, ја прекина посетата на Сенегал и се врати во својата земја, каде што тој лично се појави во зградата на Уставниот трибунал. Неговото влегување, проследено со тензична расправија и туркање со присутните судии, стана симбол на длабочината на идеолошкиот и институционалниот судир во Полска
Идеолошко-политичка и институционална пресметка со неизвесен исход
Шефот на државата, претседателот Навроцки, прогласи дека е извршен „насилен обид за преземање уставна институција“, при што свика итни консултации со парламентарните партии. Од друга страна, премиерот Туск остана на ставот дека „решителните мерки се неопходни за враќање на независноста на судството и владеењето на правото“.
Пред зградата на Трибуналот во Варшава се собраа стотици демонстранти, а полициските сили мораа да интервенираат по обидите за пробивање на безбедносната ограда. Кризата веќе не е само спор меѓу судии и политичари, меѓу либерали и суверенисти, туку сериозен тест за стабилноста на една од најважните членки на Европската Унија. Со две страни што меѓусебно си ја оспоруваат легитимноста, Полска влегува во неизвесен период, во кој одлуката за тоа кој го контролира Уставниот трибунал може да ја одреди и иднината на целокупниот политички систем. Р.С.
Уредничка опсервација
Полска – најизразен пример за големиот идеолошки судир во Европа
- Битката за Уставниот трибунал во Варшава е многу повеќе од институционален спор. Таа е пресметка меѓу две визии за иднината на Европа: Европа на суверени национални држави и Европа на сè помоќни наднационални институции, предводени од либералниот политички центар во Брисел
Полска денес е можеби најилустративниот европски пример за длабокиот идеолошки судир што сè поотворено ја потресува Европската Унија. Зад навидум правничкиот спор за Уставниот трибунал стои многу посуштинска политичка пресметка: дали иднината на европските држави треба да се гради врз националниот суверенитет или врз постепеното пренесување на сè поголем број надлежности кон Брисел?
ДВЕ ВИЗИИ, ЕДНА ЕВРОПА!?
На едната страна се либералните политички елити, предводени од актуелното раководство на европските институции и нивните политички сојузници во земјите членки. Нивната визија е подлабока интеграција, поголемо усогласување на националните политики и посилна улога на Европската комисија во обликувањето на политичките и институционалните стандарди на Унијата. На другата страна се суверенистите, кои сметаат дека Европската Унија не смее да прерасне во политички центар што ќе ги надминува демократските овластувања на националните институции. За нив, европското единство не треба да значи откажување од правото на државите самостојно да одлучуваат за сопствените приоритети, традиции, уставен поредок и развојни политики.
Варшава – најреален показател за противречноста во односите меѓу националниот суверенитет и европската интеграција
Полскиот пример особено јасно ја покажува противречноста во односите меѓу националниот суверенитет и европската интеграција. Кога владата на Право и правда започна со реформите во судството, Брисел реагираше со сериозни критики, повикувајќи се на флоскулата „владеење на правото и независноста на судските институции“. Но токму тука се отвори суштинското прашање за тоа каде завршува легитимната европска грижа за демократските стандарди, а каде започнува политичкото влијание врз внатрешното уредување на една суверена држава.
Токму тоа прашање е во срцето на полската криза. Не може секое несогласување со политичките приоритети на Брисел автоматски да се прогласува за отстапување од европските вредности. Исто така, европската интеграција не би требало да подразбира дека националните политички избори се легитимни само доколку се совпаѓаат со очекувањата на актуелното раководство на Унијата.
Секако, суверенитетот не смее да се толкува како „неограничено право“ на која било власт да ги менува институциите според сопствените политичко-партиски потреби. Напротив, принципите на независноста на судството, уставноста и законитоста, како и демократската контрола, мора да важат за сите политички гарнитури. Но истите тие стандарди мора да бидат применувани доследно, без двојни мерила и без политичка селективност.
Суверенитетот како политичка позиција, а не како изолација
Во таа смисла, позициите на полскиот претседател Карол Навроцки и суверенистичкиот политички блок не можат да се сведат само на отпор кон актуелната влада на Доналд Туск. Тие се дел од поширок европски политички тренд што бара враќање на националниот интерес како првична точка во креирањето на државните политики. Тоа не значи отфрлање на Европската Унија, ниту затворање во национални граници, како што некои се обидуваат да го толкуваат, па дури и преку одредени медиуми и граѓански организации се обидуваат на тој начин да го обликуваат јавното мислење.
Напротив, станува збор за поинакво разбирање на европското партнерство. Имено, станува збор за Унија на држави што соработуваат, но не се откажуваат од правото самостојно да одлучуваат за прашањата од витално значење за сопствените општества. И токму затоа Полска е толку важен пример. Нејзината политичка драма покажува дека европската интеграција не може да биде успешна доколку се доживува како еднонасочен процес во кој националните влади треба само да ги спроведуваат политичките насоки на Брисел.
На крајот, воопшто не треба да се постави дилемата за тоа дали Полска треба да биде европска држава. Таа одамна е тоа и останува една од најважните членки на Унијата. Прашањето е каква Европа сакаат Полјаците, но и другите европски народи. Имено, сакаат „Европа во која националните држави ќе бидат темел на заедничката иднина“ или сакаат „Европа во која нивната самостојност постепено ќе се сведува на формалност“?!
Полската криза затоа е многу повеќе од судир за една судска институција. Таа е предупредување дека Европа влегува во нова идеолошка пресметка, во која суверенитетот, демократијата и националниот интерес повторно стануваат централни политички теми. А исходот од таа пресметка веќе ја одредува и самата иднина на Европската Унија. Р.С.
































