Повод: Анализата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за потрошувачката на вода во главниот град
- Според информациите на претпријатието ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, потрошувачката на вода по жител во 2026 година е зголемена за разлика од пред 10 и од пред 20 години. Имено, годинава, потрошувачката на вода изнесува 598 литри, додека пред 10 години била 549 литри, а пред 20 години – 535 литри вода. Што значи дека се трошат 49 литри вода по жител повеќе отколку пред 10 години и 63 литри вода повеќе од пред 20 години. Што значи оваа зголемена потрошувачка, на што се должи овој тренд, како соодветно да се менаџира трошењето на водата во иднина и зошто?
Официјалната информација и анализа на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за потрошувачката на вода во главниот град и околината не се само статистика. Тие се еден вид аларм. Но колку е тој навистина сериозен или, пак, таа тревога е превентивна и навремено предупредувачка?
Имено, зголемувањето на потрошувачката на вода од 535 литри по жител пред 20 години на 598 литри денес претставува тренд што директно ја отвора оваа дилема. Дали градот навистина располага со стабилен и одржлив воден систем или треба во скоро време заради поголема водна сигурност да се преземат стратегиски чекори за поголема и долгорочна безбедност за користење и презервација на водите од скопскиот воден басен?
Но, пред сѐ, ако се појде од фактот што извештајот и предупредувањето потекнуваат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, тоа само по себе говори за еден повисок степен на одговорен однос на институцијата кон јавноста, затоа што со оваа транспарентност се мобилизираат мисловни и творечки експертски сили за натамошно успешно менаџирање со овој надоаѓачки тренд, кој може да прерасне во проблем.
Во суштина, редакцијата го третира прашањето за македонските води на еден подруг начин. Имено, станува збор за прашање на суверенитетот на националните води и способноста на државата да управува со сопствените водни ресурси на начин што гарантира долгорочна сигурност за граѓаните. Според соговорниците, ова зголемување на потрошувачката на вода не е само резултат на демографски раст туку и на променети навики, урбанизација и недоволна контрола врз потрошувачката, велат тие.
Урбанизацијата како притисок врз системот
Скопје веќе со децении расте без пропорционално зголемување на инфраструктурниот капацитет. Новите населби, зголемениот број жители и ширењето на градот кон повисоките зони создаваат дополнителен притисок врз водоснабдувачкиот систем. Иако официјалните информации уверуваат дека каптажите Рашче 1 и 2 се во „одлична состојба“, праксата покажува нешто поинакво, односно намален притисок во лето, повремени прекини и зависност од пумпни системи во високите зони. Овие појави не се случајни, но секако дека се симптом на систем што функционира на граница на своите капацитети во периоди на врвна потрошувачка.
За потсетување, секое лето се повторува истиот образец. Имаме високи температури што од година на година растат, а како последица на тоа има зголемена потрошувачка на вода и сѐ почести апели за рационално користење. Но проблемот не е само во климатските услови. Според повеќе соговорници, клучните причини се нерационална употреба (полевање тревници, ниви, разладување), диви приклучоци и кражба на вода, како и недоволна едукација и контрола. Токму овие појави отвораат суштинско прашање, односно дали водата се третира како јавно добро или како неограничен ресурс. Затоа, неопходно ни е формирање друг јавен дискурс и однос на јавноста кон водата, ни треба јасна политика за управување со овој ресурс бидејќи водата станува жртва на некои неодговорни навики/традиции на луѓето на овие простори, третирајќи ја водата како неограничен ресурс.
Алтернативни извори како инстант реакција или како долгорочна стратегија?
Истражувањата за нови извори – Кадина Река, Патишка Река, Мала Река, Врело и Инџиково се позитивен чекор, но тие доаѓаат во момент кога предизвикот сѐ повеќе се ближи кон закана. Но се разбира дека има време, но и тој ресурс полека и сигурно го трошиме. Мониторингот на квалитетот и квантитетот е неопходен, но без паралелни политики за намалување на потрошувачката, ефектот ќе биде ограничен.
Концептот на т.н. воден суверенитет подразбира нешто многу повеќе од техничка способност за снабдување. Тој вклучува и гаранција за квалитетна вода за пиење, стабилност во снабдувањето за домаќинства, поддршка за земјоделството и индустријата, одржливо користење за енергетски цели, заштита од злоупотреба и прекумерна експлоатација итн. Затоа, во еден ваков контекст, водата не е само ресурс. Таа е прашање на национална безбедност и квалитет на животот!
Ризикот од неодговорност за водата
Официјалните уверувања за стабилен систем можат да создадат опасна зона на комфор. Историјата на многу градови покажува дека водните кризи не доаѓаат одеднаш и дека тие се резултат на долг период на игнорирање на предупредувачките сигнали. Во Скопје тие сигнали веќе постојат и превентивната тревога на институциите во голема мера е добредојдена. Таа тревога сигнализира растечка потрошувачка, сезонски прекини на водоснабдувањето, зависност од ограничени извори и некои слабости во контролата.
Затоа, намалувањето на непотребната потрошувачка не е само препорака. Тоа мора да стане системска политика. Без тоа, секој нов извор ќе биде само привремено решение. Во еден таков предупредувачки контекст, информацијата на јавното претпријатие треба да мобилизира строги контроли и санкции за диви приклучоци, тарифи што ќе стимулираат штедење, јавни кампањи за свесност, како и модернизација на мрежата за намалување на загубите.
Водата како тест и за граѓаните и за државата
Прашањето за водоснабдувањето во Скопје не е технички проблем. Тоа ќе го третираме како една метафора за нашиот однос кон овој скап национален ресурс. Наедно, овој предизвик ќе го третираме како тест и за граѓаните индивидуално и за колективитетот, а и за институционалната зрелост. Неопходно е државата да обезбеди стабилен, праведен и одржлив систем за ресурс што е основа на секојдневниот живот, но и граѓаните треба со највисок степен на одговорност да пријдат кон своето лично третирање на овој предизвик. Без таа синергија, граѓани-институции, ќе биде невозможно да се постигне суверенитетот на водите и сигурност за идните генерации за проблемот што надоаѓа. Водниот суверенитет не се мери со тоа дали денес има вода во чешмите, туку дали ќе ја има и утре, за сите под еднакви услови. А токму тука лежи суштината. Ако водата стане ограничен ресурс без јасно управување, тогаш прашањето нема да биде колку трошиме, туку дали ќе имаме доволно. Н.М.
































