Водата во Струга во изворот Шум почна да се разбиструва, а се разбиструваат и (не)одговорностите на поединци и институции
- Од Министерството за животна средина, на неодамнешен брифинг со новинарите, изјавија дека Општина Струга не плаќала ништо за користење на изворот Шум, а дури сега, откако ѝ било укажано, поднела барање за дозвола за користење на водата од изворот Шум, кое министерството допрва треба да го прифати!? Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Струга било должно да ѝ плаќа на државата за користење на водата, а на тоа го обврзува закон донесен во 2008 година. Зошто Струга не ја исполнувала оваа обврска досега и како ќе бидат наплатени сите години избегнување на обврската, од министерството не знаат, но велат дека се очекува и Обвинителството да поведе постапка за одговорност
- Заматената вода во Струга е само видливиот дел од многу подлабок проблем. Таа открива години на институционална негрижа, недостиг од контрола и отсуство на одговорност. Доколку овој случај не резултира со конкретни акции, структурни реформи и воспоставување строг систем за управување со водните ресурси, па дури и санкции, постои ризик да се повтори истото сценарио, и тоа не само во Струга туку и во други делови од државата. Предизвикот не е само водата да се разбистри туку и системот конечно да се расчисти
Проблемот со заматената вода за пиење во Струга, кој во изминатиот период ја вознемири јавноста, отвори многу подлабоки прашања, покрај оној основниот – квалитетот на водата. Наместо изолиран инцидент, случајот сè повеќе наликува на симптом на долгогодишен институционален пропуст, нефункционален систем на контрола и отсуство на одговорност.
Министерството за животна средина лоцира уште еден голем пропуст на Општина Струга при третманот на изворот на пивка вода во селото Шум
Според информациите од Министерството за животна средина, општината со години не плаќала надомест за користење на водата од изворот Шум, иако законската обврска постои уште од 2008 година. Уште позагрижувачки е фактот што воопшто не била побарана дозвола за користење на овој ресурс – сè до неодамна, кога проблемот со заматувањето веќе стана јавен скандал. Ова отвора суштинско прашање: како е можно целиот систем за водоснабдување да функционира без основна правна рамка и финансиска одговорност повеќе години? Дали постоел некаков премолчен коалициски договор помеѓу коалициските партнери или поединци, кои сите години биле во тесна соработка меѓу локалната и централната власт? Одговорноста, барем формално, се префрла кон институциите. Од министерството велат дека не знаат како ќе се наплати долгот, но најавуваат можна постапка од Јавното обвинителство.
Градоначалниците во Струга во изминатите години со „водна амнезија“
Во изминатите две децении, Струга ја водеа неколку градоначалници – Рамиз Мерко, Зијадин Села и актуелниот Менди Ќура. Заедничко за сите нив е што ниту една локална власт не ја адресирала обврската за регулирање на користењето на водните ресурси?! Струга била должна да плаќа за користење на водата на државата, а на тоа ја обврзува закон донесен во 2008 година. Зошто Струга не ја исполнувала оваа обврска досега и како ќе бидат наплатени сите години избегнување на обврската, од министерството не знаат, но велат дека се очекува и Обвинителството да поведе постапка за одговорност. Дали станува збор за незнаење, игнорирање или за свесно избегнување на законските обврски? Одговорот, барем засега, останува во доменот на шпекулации, но фактичката состојба укажува на сериозен институционален неуспех.
Екологија, економија и можен „екоцид“
Проблемот дополнително се усложнува со нелегалниот ископ на минерални суровини во заштитната зона на изворот Шум. Токму овие активности се посочуваат како една од главните причини за заматувањето на водата. Советот на општината веќе побара итна реакција од истражните органи, дефинирање на заштитните зони и детална анализа на еколошката штета. Во јавноста се споменува дури и терминот „екоцид“, тешко јавно обвинување со кое јавноста укажува на потенцијално сериозно уништување на природните ресурси. Но секако, јавноста паралелно бара процена на ризиците по здравјето на населението, брзи, ефикасни и долгорочни мерки за санација, како и воспоставување систем за континуиран мониторинг. Јавноста нагласува дека ова не е само технички проблем туку директно прашање за јавно здравје и безбедност.
Апел до институциите да не доцнат
Чест предизвик кај нас е што јавните институции реагираат дури откако одредена криза ескалира. Наместо проактивно, реакцијата често е реактивна и отпосле. Така и во врска со пивката вода во Струга. ЈП „Водовод и канализација“ дури сега треба да донесе интерни акти, да воспостави редовен мониторинг, да спроведе независна ревизија, а сето ова требало да биде воспоставено одамна. Иако општината тврди дека утврдувањето на одговорноста е работа на судските органи, останува фактот дека локалните институции имале директна улога во управувањето со ресурсите.
Проекција за целата држава
Случајот со Струга не е изолиран. Тој ја отвора пошироката дилема за управувањето со водните ресурси во цела Македонија. Имено, што побргу и поефикасно треба да се утврди колку општини имаат нерегулиран пристап до извори на вода. Потоа, дали контролата на заштитните зони е ефективна или само формална? Кој го следи квалитетот на водата и колку често? Во услови на климатски промени и зголемен притисок врз природните ресурси, особено на пивката вода, која засега ја имаме во доволни количества, ваквите пропусти можат да имаат долгорочни последици. Заматената вода во Струга е само видливиот дел од многу подлабок проблем. Таа открива години на институционална негрижа на некакви непринципиелни спреги меѓу доскорешната локална и централна власт, на недостиг од контрола и отсуство на одговорност. Доколку овој случај не резултира со конкретни акции, структурни реформи и воспоставување строг систем за управување со водните ресурси, па дури и санкции, постои ризик да се повтори истото сценарио, и тоа не само во Струга туку и во други делови од државата. Предизвикот не е само да се разбистри водата туку и системот конечно да се расчисти. Н.М.
































