Фото: Архива „Нова Македонија“

Пресек на првичните резултати од парламентарните избори во Бугарија

Поранешниот претседател Румен Радев со новоформираното движење Прогресивна Бугарија освои значајно мнозинство на завчерашните предвремени парламентарни избори. Токму таквиот факт дава можност тој да стави крај на политичкиот ќор-сокак во кој се наоѓа Бугарија по осумте изборни циклуси во изминатите пет години.
Најдисфункционалната членка на Европската Унија се бори со длабока политичка и системска криза од 2021 година, кога протестите против корупцијата ја соборија владата на Бојко Борисов.

Радев ја искористи акумулираната фрустрацијата на граѓаните
предизвикана од неспособноста на „старите“ политички партии, кои сами генерираа политичка нестабилност на државата

Според објавата на официјалната веб-страница на Централната изборна комисија на Бугарија по преброени 60,79 отсто од гласовите, новоформираното движење Прогресивна Бугарија на Радев обезбеди околу 45 отсто од гласовите, односно најмалку 132 пратеници во парламентот со 240 места. Прогресивна Бугарија има убедливо водство пред либералната коалиција Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (ПП-ДБ), која засега собра 14,26 отсто од гласовите, а партијата ГЕРБ на Борисов имаше 13 отсто, според првичните резултати објавени од изборната комисија.
– Прогресивна Бугарија победи недвосмислено, со победа на надежта над недовербата, победа на слободата над стравот – изјави Радев за новинарите пред канцеларијата на својата партија во Софија.
Радев ја искористи фрустрацијата на граѓаните предизвикана од неспособноста на „старите“ политички партии, кои сами генерираа политичка нестабилност на државата. Имено, во Бугарија, со 6,5 милиони жители, гласачите се презаситени од скандалите со корупција и неспособност да се реши тој криминален феномен од страна на истите лица што доминираат во политиката со децении.
Многу сликовито за Бугарија посочува „Ројтерс“. Имено, медиумот за Бугарија вели дека е „земјата што ѝ се приклучи на Европската Унија во 2007 година и далеку заостанува во однос на другите членки на европското семејство“.
– Трошоците за живот станаа особен проблем откако Бугарија ѝ се приклучи на еврозоната, а претходната влада падна поради протестите против новиот буџет со кој беа предложени зголемување на даноците и повисоки придонеси за социјално осигурување – наведува информативната агенција.

Потенцијални коалициски Партнери и сценарија

Добиеното мнозинство за Прогресивна Бугарија на Радев навистина дава можност да стави крај на политичкиот ќор-сокак во Бугарија и кризата, која веќе со години ја прави државата институционално импотентна. Можеби конечниот резултат од изборите ќе ѝ даде на Прогресивна Бугарија мандат да владее сама, но, за долгорочно и стабилно владеење, а со тоа и длабоки реформски промени кон функционалност како држава, ќе ѝ биде потребна поддршката од коалицијата ПБ-ДБ. Оваа коалиција (Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија) е на второто место според освоените гласови. Но со нејзина поддршка можат да се донесат клучни закони со кои ќе се стави крај на политичкиот притисок врз судството, за што е потребно двотретинско мнозинство. Во својот прв говор во неделата навечер, Радев рече дека тој „бара коалициски партнери“!
По неговата оставка од претседателската функција и создавањето ново политичко движење, Радев се обиде да привлече широка база поддржувачи, со потенцијални разновидни партнери, иако опциите се ограничени од неговите политички ставови.
Се смета дека тој би можел да коалицира со Бугарската социјалистичка партија (БСП), која во минатото го поддржуваше, и се очекува нивно повторно усогласување, земајќи ги предвид нивната заедничка загриженост во врска со воената поддршка од Бугарија за Украина. Потенцијален коалициски партнер би можела да биде и партијата Преродба, поради идеолошките сличности во врска со концептот на политичката и националната егоцентричност на Бугарија и противењето на понатамошното вооружување на Украина, односно преференцијалниот статус во однос на Москва. Сепак, аналитичарите сугерираа дека Радев можеби нема да сака да влезе во формална коалиција со нив.
Поради релативно нејасна кампања, движењето на Радев би можело потенцијално да им се додворува на помалите партии за да обезбеди мнозинство, според аналитичарите, додека Радев експлицитно ја отфрли можноста за коалицирање со ГЕРБ предводена од Бојко Борисов и ДПС – Нов почеток предводена од контроверзниот бизнисмен Делјан Пеевски. П.Р.


Партијата Прогресивна Бугарија освои 160 гласа на гласачките места во ДКП-ата на Бугарија во Македонија

  • Во нашата држава, според конечните статистики во одделенијата во бугарската амбасада во Р Македонија, се изјасниле вкупно четиристотини триесет и шест гласачи во врска со парламентарните избори во Бугарија

Политичкото движење на поранешниот бугарски претседател Румен Радев, Прогресивна Бугарија, доби најмногу гласови на парламентарните избори и според изјаснувањето на 436-те гласачи во Македонија. Радев доби поддршка од 160 гласачи според податоците од изводот од записниците во петте избирачки места, цитирани од БТА.
Коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија освои 91 глас, пред коалицијата Преродба со 63 гласа, додека ГЕРБ освои 61 глас, а има и гласови за помали партии и некои неважечки ливчиња.
Во Македонија се изјасниле вкупно 436 гласачи според конечните статистики во одделенијата во бугарската амбасада во Македонија, генералниот конзулат во Битола и оние во Струмица, Охрид и во Прилеп.
Премиерот Христијан Мицковски завчера изјави дека очекувал поголем одзив во Македонија, земајќи ги предвид бројките што Софија ги прикажува за бројноста на Бугарите во земјава.
– Благо сум разочаран поради нискиот одзив на македонските Бугари, бидејќи само 250 од нив се заинтересирани да учествуваат на овие избори. Очекував излезеноста да биде малку поголема – порача Мицкоски. П.Р.