Повод за новинарска опсервација: Посетата на Света Гора од страна на претставници од Бигорскиот манастир
- Аналитичари што се занимаваат со црковни прашања тврдат дека престојот на дел од братството на Бигорскиот манастир предводено од
игуменот Партениј на Света Гора, со благослов на неговото
високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, е
навестување дека односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија
навлегуваат во нова фаза, и тоа во насока на подобрување на климата, што
недостигаше изминативе неколку години поради испорачувањето на
политичките ултиматуми од страна на Вселенската патријаршија,
кои беа неприфатливи за македонскиот црковен врв - Македонската православна црква – Охридска архиепископија, возоглавена од неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во духот на православието и во духот на нашата света Црква, подава рака и благослов за разговори со израз на заемно почитување, братска поврзаност, уважување и сила за надминување на недоразбирањата
Престојот на дел од монашкото братство на Бигорскиот манастир, предводено од игуменот Партениј, на Света Гора, повторно во јавноста го отвори прашањето за динамиката на односите меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Вселенската патријаршија. Посетата, која на прв поглед може да се толкува како духовна и монашка средба, носи и поширока црковна тежина, особено ако се има предвид дека станува збор за престој во светогорските обители, кои се наоѓаат под непосредната духовна и канонска јурисдикција на вселенскиот патријарх. Иако, за волја на вистината, ова не е прва посета на македонски владици на Света Гора; неколку митрополити на Македонската православна црква веќе претходно имаа заеднички сослужувања во светогорските манастири по прифаќањето на МПЦ-ОА од пошироката православна екумена.
Средба со благослов од двете страни, и од МПЦ-ОА и од Вселенската патријаршија
Црковната делегација на МПЦ-ОА престојуваше во светогорските манастири, каде што беа остварени молитвени средби и сослужувања со тамошното монаштво. Во дел од настаните учествуваше и неговото преосвештенство епископот мирински г. Атинагора, викарен епископ на Православната митрополија на Мексико, Централна Америка, Карипските Острови, Венецуела и Колумбија при Вселенската патријаршија. Она што на оваа посета ѝ дава дополнителна симболика е фактот што таа се одвива со благослови од двете страни – од надлежниот митрополит дебарско-кичевски г. Георгиј и од вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Во црковниот свет, каде што формата, протоколот и благословот имаат особена тежина, ваквата околност тешко може да се занемари. Токму затоа, престојот на Света Гора неизбежно отвора прашања што ги надминуваат рамките на една монашка посета. Дали станува збор само за продолжување на духовните врски меѓу светогорското и македонското монаштво или, пак, во заднина се навестува одредено раздвижување во односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија? Токму во тој контекст, посетата на Света Гора добива посебно значење. Таа е едно од најзначајните духовни средишта на православниот свет, но истовремено и простор во кој директно се чувствува духовниот авторитет на Вселенската патријаршија.
Македонската православна црква – Охридска архиепископија, возоглавена од неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во духот на православието и во духот на нашата света Црква, подава рака и благослов за разговори со израз на заемно почитување, братска поврзаност, уважување и сила за надминување на недоразбирањата.
Дали овие индикатори претставуваат внимателен чекор кон повторно отворање на прашањата што во последниот период останаа без конечен одговор? Во православниот свет, каде што црковната дипломатија често се одвива тивко, преку средби, благослови, сослужувања и симболични гестови, понекогаш и самиот начин на кој се реализира една посета може да биде порака.
Но токму тука се отвора и пошироката слика што во продолжение ја претставуваме, но со намера да потсетиме на некои настани во блиското минато, без намера да влијаеме на процесите и настаните со кои длабоко сме уверени дека нашиот црковен врв ќе ги зачува нашиот идентитет, име, црква и единство во македонскиот православен и национален супстрат. А што, всушност, ја оддалечи МПЦ-ОА од Вселенската патријаршија, кои се клучните несогласувања околу томосот за автокефалност и дали постои простор за компромис без притоа да се доведат во прашање основните позиции на македонската Црква?
Актуелните односи на нашата МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија
Соговорниците со кои се консултиравме, а се упатени во оваа проблематика, посочуваат дека релациите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија не се сѐ уште на посакуваното ниво, особено поради сѐуште актуелните барања испорачани од страна на Вселенската патријаршија упатени до нашата црква, како што се:
– Прашањето за промена на името на Македонска православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прима;
– Второ, прашањето за (откажување од) управувањето на епархиите на МПЦ што се надвор од границите на државава;
– И трето, прашањето врзано за признавањето на Украинската православна црква – Киевска патријаршија од страна на МПЦ.
За потсетување, во синодалниот акт на Вселенската патријаршија има условувања за името МПЦ-ОА, односно Вселенската патријаршија бара „име за севкупна употреба што нема да го содржи зборот Македонија“ или изведенка од него за Македонската православна црква. Дополнително на ова, Вселенската патријаршија бара „јурисдикцијата на МПЦ-ОА да биде ограничена само на политичките граници на македонската држава, а надвор од неа македонските православни верници би се нашле под надлежност на некоја друга православна црква“.
Токму овие барања од нашата МПЦ беа категорично отфрлени. Аналитичари што се занимаваат со ова прашање се на ставот дека пласираните барања се класични услови (ултиматум) на Вселенската патријаршија, со што уште еднаш се потврдува стојалиштето дека „прашањето за добивањето томос било само политичко, а не канонско прашање“.
За издвојување и во оваа пригода е ставот по ова прашање што јасно и децидно беше искажано од страна на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Тој прецизно и педантно посочи дека се неприфатливи барањата на Вселенската патријаршија, односно откажување од името Македонска православна црква и отстапувањето/откажувањето од македонската дијаспора!
– Името ние си го имаме, тоа име е наше, на никој друг не припаѓа и затоа не треба никој да бара да се откажуваме ние од нашето име, а името на нашата црква е Македонска православна црква возобновена Охридска архиепископија, затоа се содржат и двете имиња во името на нашата црква. Дијаспората, кога ќе преземат од сите други народи православни што имаат своја дијаспора тогаш нека биде и нашава, но тоа прашање тешко ќе биде реализирано односно одговорено во позитивна насока кон барањата на Цариградската патријаршија – нагласи неодамна архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан за овие прашања.
Во целиот галиматијас на влијанија, соговорниците го поздравуваат и го поддржуваат непоколебливиот став на нашиот архиепископ г.г. Стефан, како и на нашиот Синод на МПЦ (што одлучува самостојно и без надворешни замешателства, а одлуките се во согласност со канонот), дека се неприфатливи барањата на Вселенската патријаршија, односно не доаѓа предвид откажување од името и дека нашето име е Македонска православна црква. Наедно дека отстапувањето на македонската дијаспора на некоја друга црква не доаѓа предвид, бидејќи православните македонски верници надвор од државата се нараскинлив дел од македонскиот народ и македонскиот национален супстрат, а со тоа дел од нашата МПЦ.
– Скептик сум дека Вартоломеј и Вселенската патријаршија ќе ѝ го дадат томосот на МПЦ доколку не се исполнат испратените барања. Вартоломеј ја смета МПЦ како дел од за него спротивставената групација на православни цркви, на чие чело е Руската православна црква. Во целина, ставот на МПЦ-ОА е повеќе од црковна позиција – тој е израз на национална самосвест и историска одговорност. Името е знаме на македонскиот идентитет, дијаспората е живо сведоштво за ширењето на македонската култура низ светот, а скептицизмот околу ПЦУ (Православната црква на Украина) е знак на мудрост и претпазливост во сложениот православен свет. Со ваквиот став, МПЦ-ОА покажува дека не е подготвена да прифати услови со кои како претходната власт би го свиткала ’рбетот, би се обезличила и би ја ослабела нејзината духовна и национална мисија, дури и ако тоа значи одложување на формалното добивање томос – нагласува аналитичар што е запознаен со оваа проблематика со кого се консултиравме. П.Р.

































