Фото: Mакедонски весник “Илинден“
  • Македонците во Албанија денес се соочуваат со еден од најтешките периоди во зачувувањето на јазикот и идентитетот и поради тоа е потребна многу посилна институционална и политичка застапеност на заедницата, но и широк ангажман, од поединецот, преку медиумите, па се до највисоките државни институции. Јазикот може да опстане само ако се зборува, учи и пренесува на младите генерации, кои, за жал, се отселуваат од Мала Преспа и од Албанија за подобар живот, оти интересот на локалните власти, па и на високите политички кругови за Преспа и за македонското малцинство е само кога има избори, а Пустец и Шулин се вест во медиумите само кога ќе се бројат гласовите. Вака новинарот Ервин (Григор) Никола, Македонец по потекло од селото Шулин во Мала Преспа, гледа на македонското прашање во Албанија и вели дека многу работи можат да се сменат, ако има силна волја и уште посилна институционална борба. Токму за таа борба Никола говори во интервјуто за македонскиот весник „Илинден“, кое го пренесуваме во целост

„Јас сум Ервин (Григор) Никола, од село Шулин, областа Мала Преспа, син на Фото и внук на Богдан. Јас сум единствен син на човек кој безусловно ги сакаше малцинските луѓе. Отсекогаш сум бил горд на јазикот и на малцинството на кое му припаѓам и тоа секогаш ќе биде случај, дури и за моите деца. Роден сум и израснат во Корча, каде што го завршив и моето општо средно образование. Подоцна, дипломирав како „Толкувач и преведувач на италијански јазик“, во 2004 година, во Тирана. Добро ги познавам англискиот и францускиот јазик. Странските јазици беа семејна традиција, мојот татко дипломирал како наставник по руски јазик, додека мојата мајка дипломирала како наставник по француски јазик. Но, страста кон новинарството ме обзеде уште од мала возраст, кога почнав во Радио Корча. Подоцна, за време на студиите, работев во Тирана. Првично во Газета Република, каде што известував за актуелни настани краток период, потоа во Радио „Контакт“ 3 години, во Газета „Дита“, 1 година, а потоа се посветив на спортско новинарство, во ТВ Клан, Телевизија Коха, Визион Плус и Тринг. Работев и во РТШ, а моментално работам во Радио Топ Албанија, каде што известувам за актуелни настани веќе 2 години“, се претставува Никола и додава: „За нас малцинствата, ништо не беше лесно, но горд сум на она што го постигнав со искрена работа и посветеност“.

Вашиот покоен татко, Фото Никола, беше познат активист на Македонското национално малцинство. Како се сеќавате на неговиот придонес и какво влијание имаше врз вашиот живот и посветеност?
-Мојот татко, Фото Никола, го посвети својот живот на образование, информации и текстови за луѓето од Преспа и целото Македонско малцинство. Пораснав во куќа полна со книги, слушајќи го ритамот на македонските букви од машина за пишување која и денес фанатично ја чувам. Мојот татко Фото и неговата машина за пишување, мојот татко и радио програмата, беа биномите што ги придружуваа моите денови повеќе од една деценија. Никогаш не се заморив од неговата решителност и посветеност, бидејќи мојот татко не можеше да биде поинаков. Аромата на свежо печатените книги, кои често самиот ги носеше од Тирана, се преведуваше во радост од завршената работа, која бараше многу посветеност и труд. Се чувствував горд што гласот што ги носеше вестите на македонски јазик на Радио Корча беше гласот на мојот татко.
Горд сум на секое негово писмо, на секој учебник, но и на многу други публикации, каде што би ги издвоил: „Литературни творци од Македонското малцинство во Албанија“, објавени на македонски и на албански јазик, но и посветеноста на препечатувањето на Албанско-македонскиот речник на Никола Беровски. Фанатично ги чувам многу од неговите статии за образованието, фолклорот и традициите на Македонците во Албанија. Во последната деценија од својата работа, мојот татко беше член на Комитетот за малцинства при Владата на Република Албанија, како круна на живот посветен на својот народ. Мојот татко беше извор на инспирација за мене, како вреден и праведен човек. Често разговаравме за случувањата во областа, тешкотиите и тешкиот живот што доведоа до масовно иселување на луѓето. Мојот татко се потруди да ги промени работите, но без силна поддршка и политичка волја, ништо повеќе не можеше да се направи. Но, време е работите да се променат.

Како ја оценувате моменталната состојба на зачувување на македонскиот јазик во Албанија?
-Јазикот има потреба од луѓе за да преживее, му треба посветеност и многу упорност. Денес ми е тешко да го зборувам течно, иако го разбирам. Но, за да преживее јазикот, децата треба да го учат во училиште и да го пренесуваат на генерациите. Денес, бројот на ученици во училиштето во Пустец е многу мал, ова се должи на заминувањето на Македонците надвор од границите на Албанија, за подобар живот, дури и за опстанок. Разбирливо е дека семејствата што се преселиле во Македонија ја одржуваат во живот и ги образуваат идните генерации на својот мајчин јазик, но оние што се преселиле на друго место тешко се справуваат.
Благодарение на технологијата, благодарение на социјалните мрежи, комуникацијата и информациите сега се полесни. Тука сакам да ви се заблагодарам за вашата посветеност, како здружение, со официјалната веб-страница, но и на Фејсбук. Ова е нешто многу важно, тоа е кислород за јазикот, тоа е неопходност. Во време кога Општина Пустец го игнорира мајчиниот јазик на официјалната веб-страница, можеме да разбереме дека посветеноста не е иста, а ова дури претставува и јасно кршење на законот и меѓународните конвенции за малцинствата. Ако се откажеме, никој нема да нè замоли да го одржиме нашиот јазик, нашиот идентитет, жив. Мислам дека не е најдобриот момент, што се однесува до зачувувањето на јазикот, а да не зборуваме дека е еден од најтешките моменти.

Како ја оценувате улогата на локалната самоуправа во областите каде што живее Македонското национално малцинство?
-Јас сум личност која, благодарение на мојот карактер, не е задоволна со фасади. Бев и ќе бидам во реалноста во Преспанскиот крај и можам отворено да кажам дека воопшто не сум задоволен од она што е направено и што се прави. Локалната самоуправа има доволно средства да ги обезбеди сите услови за живот во Преспа со многу високи стандарди. Но, реалноста е болна. Како може сè уште да се зборува за вода и патишта? Како може да недостасуваат интервенции и инвестиции во секое село? Шулин остана ист, како што беше пред 10-15 години.
Направија нешто во Пустец, бидејќи таму се наоѓаат и општинските канцеларии, но можеше да се направи многу повеќе. Во толку мали села, може многу да се направи со мал буџет. Но, ве уверувам дека парите не недостасуваат, туку се злоупотребуваат. Не можеме да бидеме задоволни со изградба на музеј за Стерјо Спас и со минимални инвестиции во училишта. Што е со здравството? Каде одат луѓето од Преспа за лекување, дури и за минимални работи сепак се обраќаат во Корча, или во болниците во Македонија, нели? Како е можно да не е пронајдено решение, бидејќи Пустец е посебна општина. Што е со услугите за граѓански статус, каде се нудат? Жал ми е, многу ми е жал што моите луѓе не ги добиваат услугите што ги сакаат во областа. Но, имаме проблем, многу сме меки и се задоволуваме со малку.

Како искусен новинар, каква улога играат медиумите во зачувувањето и промовирањето на македонскиот идентитет во Република Албанија?
-Вашиот весник игра улога, како и програмата на Радио Корча. Тоа е тоа! Страшно е да се помисли дека дури и пред 30 години ги имавме овие, односно првата емисија и весник на наш јазик, денес требаше да имаме повеќе. Имаме само овие, бидејќи медиумите во Албанија никогаш не ја промовираа нашата култура и традиции на вистинскиот начин. Тие зборуваа за убавините на Преспа, или други региони каде што живее малцинството, но најмногу што направија е да покријат некоја активност каде што учествувале политичари. Значи, тие отсекогаш биле вести. Дури и Пустец еднаш на секои две години е вест, бидејќи илјада или нешто повеќе гласови што брзо се пребројуваат претставуваат прва вест на изборите. Но, многу ретко се споменува дека ова е општина на македонското малцинство.

Дали мислите дека правата на Македонското национално малцинство се целосно имплементирани во пракса?
-Денес е тешко да се убедат албанските пријатели дека ние сме автохтони и Македонци од Албанија. Постои апсурдна предрасуда, како да се преправаме дека сме Грци, за да имаме пензии. Како да се преправаме дека сме Бугари, за да добиеме пасош? Во овој случај, тие можат да бидат земени, прво затоа што бугарското малцинство е нешто измислено од политички причини, второ затоа што во тој случај има реална корист. Но, ние сме Македонци, сме биле и ќе останеме такви. Последниот попис беше катастрофа. Оттука може да се разбере колку се имплементирани правата. Можам да кажам дека теоретски треба да имаме претставници во важни државни институции, не само во Комитетот за национални малцинства. Но, каде ги имаме претставниците? Во текот на мојата кариера, дебатирав и со медиумски и политички личности, кои тешко нè препознаваат какви што сме. Постојат различни варијанти, според логиката на политичкиот интерес.
Фатени сме меѓу три огна. Исто така, поради историско незнаење и болен патриотизам, многу албански политичари не го прифаќаат нашиот национален идентитет, иако се однесуваат поинаку за време на изборите. Истите овие ликови се оние кои го негуваа изумот и прифаќањето на бугарско малцинство во Албанија, главно од политички интереси. Истите овие луѓе, кои тешко го прифаќаат постоењето на грчкото малцинство во Албанија, се согласуваат со Грција, која не ја признава Македонија без наставката „северна“. Но, работите мора да се променат и ние како Македонци мора да го искористиме моментот. Тоа е период кој е исто толку важен колку што е и опасен.
Албанија се стреми кон Европската Унија, а ЕУ има јасни и многу прецизни барања за заштита на малцинствата. Ќе видиме како Тирана ќе го спроведе секое барање на Грција за своето малцинство, бидејќи во спротивно Грција ќе стави вето. Бугарија е подготвена да дејствува на ист начин. Но, бидете внимателни, мора да бидеме подготвени за нашите барања, време е силно да затропаме на вратите на Државата и Европа, бидејќи ризикуваме многу без поддршката на Скопјe.
Мора да ја имаме вистинската поддршка, да ја санкционираме загарантираната застапеност со еден пратеник во Албанскиот парламент. Ова е моментот да го бараме и да го постигнеме. За да успееме, мора да се бориме жестоко и секако ова не може да се постигне со тоа што нема да го кренеме гласот и нема да инсистираме на нашите права пред претставниците на мнозинството. Политичарите овде се паметат од народот само за време на изборниот период, а ние забораваме потоа. Само со нашите претставници можеме да успееме, со синовите на Преспа и со нашата политичка партија, како што е Македонската алијанса за европска интеграција. Нема повеќе време за сојузи со големите партии, а уште помалку со партијата на власт. Видовме како секое ветување е заборавено.

Дали размислувате да се вклучите во политичкиот живот на Македонците во Република Албанија?
-Да, дефинитивно! Мојот татко беше еден од иницијаторите на првото здружение, ќе го следам неговиот пат, дури и со поголема посветеност и решителност. Не сакам ангажман за да имам корист, барам ангажман за да правам добро. Ќе се борам малцинството да биде правилно застапено. Прво, кандидатот на малцинска партија мора да победи на локалните избори, само на овој начин можеме да испратиме силна порака во Тирана, Брисел и пошироко. Потоа започнува битката за постигнување сигурна застапеност во Албанскиот парламент со еден пратеник. Кандидатите, доколку се кандидираат под логото на СП и ДП, ќе имаат тешкотии да го кренат гласот за нашите права дури и во рамките на сопствената партија. Во меѓувреме, градоначалникот на малцинска партија е одговорен пред нашиот народ, а не пред каприците на претседателите на големите партии. Ова е моја гледна точка, ќе дадам се од себе.

Каква е вашата визија за иднината на Македонската заедница во Албанија?
-Сакаме земјата на нашите предци да има сè што заслужува. Секој лек од Општината или фондот на ЕУ мора да служи на заедницата. Преспа може да биде вистинска туристичка област. Со вистински инвестиции и сериозна програма, дури и оние што се раселени можат да се вратат да инвестираат и да живеат. Не мислам на фасадата и бајките на Партијата на власт, туку на вистинска можност. Бидејќи Преспа, Гора, Голоборда, Верник можат да ги направат само Македонците од Албанија, со многу работа, посветеност и љубов.

Каква порака би им дале на младите Македонци за зачувување на нивниот јазик, култура и традиции?
-Идентитетот е гордост на секој народ. Кога си малцинство, секогаш и секаде е тешко. Но, ова треба да нè направи уште поупорни. Секогаш треба да бидеме горди на нашето потекло, јазик и традиции. Младите треба фанатично да ги бранат и да ги пренесуваат на генерациите. Ако го изгубиме нашиот идентитет, сме изгубиле сè. Нема богатство на светот што може да ја замени гордоста и зачувувањето на идентитетот.

Која е вашата порака до читателите на македонскиот весник “Илинден“?
-Драги Македонци, информациите се неисцрпно богатство. Благодарение на овој медиум, имате можност да бидете информирани на вашиот мајчин јазик, нешто што е исклучително важно во денешно време. Секој треба да има повеќе извори, затоа бидете информирани што е можно повеќе, но во весникот „Илинден“ само вистината е вредна. Ви благодарам многу за оваа можност, г-дине Ѓурѓај, и ви посакувам многу успех!