- Ниту еден универзитет од Македонија не се најде меѓу 1.000 најдобро рангирани високообразовни институции во светот
Универзитетот Харвард и годинава е најдобро рангиран универзитет во светот според Академското рангирање на светските универзитети (ARWU), попознато како Шангајска листа.
Во рангирањето за 2026 година биле оценети повеќе од 2.500 високообразовни институции, а јавно е објавена листата на 1.000 најдобри универзитети.
На првото место повторно е Харвард, а по него следуваат Универзитетот Стенфорд и Масачусетскиот институт за технологија – МИТ (MIT). Четврти е Универзитетот Кембриџ, додека на петтото место е Калифорнискиот универзитет во Беркли.
Меѓу десетте најдобри се и универзитетите Принстон, Оксфорд, Колумбија и Чикаго, како и Калифорнискиот институт за технологија – Калтек (Caltech).
Универзитетите од континентална Кина годинава постигнаа особено значаен резултат. Меѓу 100-те најдобри во светот се најдоа 16 кинески институции, за разлика од 13 минатата година. Најдобро рангиран е Универзитетот Цингхуа, кој го зазема 18-тото место.
Меѓу универзитетите од континентална Европа, најдобро е рангиран францускиот Универзитет Париз-Сакле, кој се наоѓа на 13-тото место. По него следува Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих – ЕТХ Цирих (ETH Zurich), рангиран на 19-тото место.
Од универзитетите во регионот, Универзитетот во Белград годинава падна за една група и сега е рангиран меѓу 501-вото и 600-тото место. Минатата година се наоѓаше во групата од 401-вото до 500-тото место. Тој останува единствениот универзитет од Србија меѓу најдобрите 1.000.
Пад забележа и Универзитетот во Љубљана, кој од минатогодишната група од 501-вото до 600-тото место сега се наоѓа меѓу 601-вото и 700-тото место.
Универзитетот во Загреб го задржа минатогодишниот пласман и повторно е рангиран во групата од 601-вото до 700-тото место.
Ниту еден универзитет од Македонија не се најде меѓу 1.000 најдобро рангирани високообразовни институции во светот.
Академското рангирање на светските универзитети првпат било објавено во 2003 година од Центарот за универзитети од светска класа при Универзитетот Џиао Тонг во Шангај. Од 2009 година листата ја објавува независната организација Шангај рејтинг консалтанси (ShanghaiRanking Consultancy).
При рангирањето се користат шест показатели, меѓу кои бројот на поранешни студенти и вработени добитници на Нобелова награда или Филдсов медал, бројот на високоцитирани истражувачи избрани од Кларивејт (Clarivate), трудовите објавени во списанијата Нејчр (Nature) и Сајенс (Science), трудовите индексирани во научните бази на Веб оф сајенс (Web of Science) и академските резултати во однос на бројот на вработени.



































