Во 1985 година, Стинг ја објави песната „Russians“ на неговиот деби-албум „The Dream of the Blue Turtles“. Тоа беше песна за Студената војна и стравот од нуклеарна конфронтација меѓу САД и Советскиот Сојуз, во која Стинг ја користеше мелодијата на познатиот руски композитор Сергеј Прокофјев.
Популарниот англиски пејач неодамна изјави дека поради војната во Украина, оваа песна повторно е актуелна, поради што ја сними нејзината акустична верзија со гитара и виолончело и ја објави на својот инстаграм-профил со порака: „Оваа песна ретко ја изведував откако ја објавив, затоа што не верував дека повторно ќе биде релевантна.
Меѓутоа, во светлината на крволочната и луда одлука на еден човек да изврши инвазија на земја што не претставува никаква закана за неговата татковина, со оваа песна сакам повторно да привлечам внимание дека сите сме луѓе, без разлика на која страна сме во овој конфликт. Нејзината нова верзија им ја посветувам на сите храбри Украинци што се борат против бруталната тиранија, како и на многу Руси што протестираат против срамното однесување на нивната влада, иако ризикуваат да бидат уапсени. Сите ги сакаме нашите деца. Запрете ја оваа војна сега“.
Приходите од продажбата на оваа песна ќе им бидат донирани на хуманитарни организации задолжени за испраќање храна и лекови за Украинците погодени од војната.