Познати писатели од Македонија и од регионот ни го честитаа 65-от роденден
Драги деца и пријатели на „Колибри“, во денешниот број, со големо задоволство, гордост и благодарност за убавите желби и зборови, ги објавуваме честитките што по повод нашиот 65-ти роденден ни ги упатија познати македонски и писатели за деца од регионот.
Некои од нив како ученици соработувале со овој единствен додаток за деца во македонскиот дневен печат, чиј прв број на страниците на „Нова Македонија“ се појави на 6 јули во далечната 1965 година. Други наши драги соработници специјално за роденденот на „Колибри“ напишаа и песни, но заедничко за сите е тоа што ѝ посакуваат на малата, но силна и незапирлива птица уште долго да лета заедно со децата.
Идеен творец и прва уредничка на „Колибри“ е поетесата Евгенија Шуплинова, а потоа прилогот долго го уредуваше нашиот познат поет Перо Миленкоски. Неколку години свој креативен придонес даде и писателот за најмалите Наум Попески, додека 15 години за шарените страници секој вторник се грижи Марија Таушанска, заедно со голем број соработници. Заедничка заложба на сите е ова шарено четиво да информира, афирмира, да забавува и да наградува!
И како што ни посакаа писателите, и ние во редакцијата на „Нова Македонија“ посакуваме уште многу годишнини и испечатени страници на нашето и ваше „Колибри“ со кое израснаа повеќе генерации.
Летај мала птицо и продолжи да шириш убави вести меѓу децата!
Уште многу нови изданија, страници, акции и успеси
Колибри е најмалата птица, но можеби е најлесна и најбрза. Слично е и со бонсаите – тие се малечки а големи и долговечни стебла. Така е и со децата – тие растат, но и ние заедно и истовремено растеме со нив. Со и преку децата се подмладуваме и додека е детето во човекот – дотогаш е тој живот.
Прилогот „Колибри“ не го читаат само децата туку и нивните родители, воспитувачи и наставници. „Колибри“ на „Нова Македонија“ е брзо како и истоимената птица и брза и лета за да стигне до што повеќе читатели и да ги зарадува со нови песни, раскази, цртежи, фотографии, пофалби, награди, признанија… А 65 години, тоа се возраст на зрел, искусен и остварен човек. Честит и среќен јубилеј и нови изданија, страници, акции и безброј други идеи, успеси, подвизи, победи и резултати!
Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија
Бев присутна во мигот на твоето раѓање
Мило мое „Колибри“, искрено ти ја честитам 65-та година од раѓањето. Во тоа далечно време во минатото бев присутна во мигот на твоето раѓање и оттогаш станав твојот верен сопатник, за што сум им благодарна на уредниците: Евгенија Шуплинова-Генче, Перо Миленкоски, Наум Попески, сѐ до денот денешен со милата Марија Таушанска.
Благодарна сум зашто тие ми дадоа можност на твоите страници да оставам трага во вечните светлини на македонскиот јазик, литература и културна традиција.
Мило мое „Колибри“, генерациски ги сврзуваше светите вредности на големи, класични филозофи, до првите објави на млади творци, со помош на нивните ментори, укажувајќи дека и во најдробната душичка трепери копнеж по божилакот.
Ти посакувам такво да си и натаму, во сите твои дејствувања. Секогаш со добра мисла за мир во милата татковина и секаде во светот, за многу сонце, добрина и љубов.
Бистрица Миркуловска
Искрен пријател на децата
„Колибри“, страниците за мали и големи деца, дојде до 65-годишен јубилеј.
Традиција, пример и за средините со поголем читателски простор.
Со јубилеите одат и сеќавањата и анегдотите.
Случајот сакаше како ученик да ми се објави песна токму во тој број – таа 1958 година. Грижливо пишувана, со мастило, со перодршка, на лист од тетратка и со многу возбуда испратена во плик, по пошта, на адресата на редакцијата „Нова Македонија“. За чудо, ракописот и листот сум ги зачувал до денес. За неверување.
Па, моето пријателство и соработка со „Колибри“ ми овозможија да го следам неговиот развиток.
Искрен пријател со децата, со училиштата, со наставниците. Афирматор на творештвото и наградите на учениците дома и во странство.
Со честитките одат и желбите за понатамошен раст. Растат децата, ќе расте и „Колибри“. Едно е сигурно, децата читатели остануваат негови најверни другари.
Васил Мукаетов
Роденденска песна
Колибри, колибри, ти си како нива
посеано со зборови и со вистина жива.
Секогаш си насмеано, секогаш си шарено,
Од прилози привлечни, секогаш си вжарено.
Со тебе се дружиме, ти си ни ко книга,
вистината за тебе најдалеку стига.
Колибри, колибри, ти си како слика
и на својот роденден на соработка што вика!
Стојан Тарапуза
Честит 65. роденден
Колку млад, а колку многу години има
Колку малку години, а колку многу живот во нив
За да ова се сфати не е потребна по алитерации и рими да се скита
Доволно е „Колибри“ редовно да се чита
Трајче Кацаров
Малата птица колибри – асоцијација за „големото“ „Колибри“
Колибри е најмалата и најбрза птица и едно од најсилните суштества во животинското царство. Оваа прекрасна минијатура со живописни бои е вечно во движење и неуморна во откривањето на светот околу себе. Па, нели, оваа птица е вистинска асоцијација за подлистокот „Колибри“ на весникот „Нова Македонија“.
Со создавањето на еден ваков подлисток или како што би рекле – додаток за мали и за големи деца – е сериозен и долг мисловен процес, зашто тој, со добро осмислените текстови, на децата им ги отвора страниците на животот и ги води во светот на непознатото. Ги поврзува со текот на настаните, со некогашното и сегашното време, ги истакнува хуманите вредности… А тој детски свет е бесконечно пространство на љубопитства и истражувања.
Со умешноста на изборот на текстови и со трудољубивоста на вработените, „Колибри“ е извонредно приемчив и близок, интересен и загатлив за најмалите читатели.
За овој творечки вруток, достоен за почит, на претходните уредници и на сегашната уредничка, почитуваната Марија Таушанска, и на нејзините соработници, им испраќам срдечни честитки за 65-от роденден, со најубави желби за натамошни успеси, со весели дни и незаборавни другарувања.
Славка Арсова
Израснав со твоите страници
Честитки „Колибри“, благодарна сум ти што израснав со твоите страници секогаш шарени и привлечни за нас децата. Определувајќи се од раната младост да творам исклучиво за деца, многу од моите творби се најдоа најпрво на твоите страници. Многу радост, многу „ветер во грб“.
Но мислам дека ја оправдав довербата на твоите уредници почнувајќи од чичко Перо, Наум, Марија, па сѐ до најмладиот твој соработник Филип, кој со многу почит ги претстави сите промоции на моите книги на свој умешен и уникатен начин.
Ти посакувам мое малечко „Колибри“ да пораснеш и да доживееш многу длабока старост!
Вера Андон
Роденденот е миг блажен
Роденденот е миг блажен. Страници читани од дамнина… радост… „Колибри“ е составен дел на моето детство… Преточено во сегашност, иднина… Име што е гордост, име што нѐ води… Денес, утре… Вечно… Среќен роденден „Колибри“, наше милениче!
Славица Дабевска Ќировска
Уште многу насмевки на детските лица
Примете искрени честитки и вие почитувана Марија и сите во редакцијата на „Колибри“ по повод 65-от роденден, со желба уште долго да постоите и да измамувате насмевка на детските лица, со која момчињата и девојчињата поубаво и побрзо растат.
Бајрузин Хајро Плањац, писател од Босна и Херцеговина
Шарен букет во рацете на младите читатели
Колибрите се најмали птици воопшто, но ова име го носи и најголемиот подарок за најмалите, за децата, додатокот на „Нова Македонија“. Секој вторник „Колибри“ е исклучителен додаток за детството, песна на радост и на вечна младост, шарен букет во рацете на младите читатели. Колибрите имаат дури 80 замавнувања со крилјата во секунда. Тоа им овозможува да останат во воздух на едно место. Нашето „Колибри“ не останува на едно место, туку е разлетано низ цела Македонија, а богами и пошироко. Еве, му ја слушам песната и во Србија. Семејството на колибрите има 100 рода и околу 330-340 вида. Меѓутоа, македонското „Колибри“ е единствено во светот. Тоа лета веќе 65 години! Исклучителен роденден. Ретки се изданијата за деца што се толку стари, а толку млади. Драги пријатели на „Колибри“, ви посакувам уште многу години лет до детските срца! Колибри е единствена птица што лета наназад, а јас вам ви посакувам да летате само нанапред! Среќно и долговечно!
Власта Н. Цениќ, писател од Србија
„Колибри“ е волшепство
Нашето другарче „Колибри“ под топлата стреа на весникот „Нова Македонија“ ни беше детство, ни беше пријател. Потоа нѐ прифати и како соработници со првите невешти песни и раскази. Нѐ прибра при себе и, како поети и писатели, ни допушти творечки да растеме со него. Растевме и пораснавме, а не го заборавивме. И нема. Добрите другари и пријатели секогаш си остануваат тоа, свои и блиски. А сега им го препуштаме и на оние што доаѓаат по нас. „Колибри“ е волшепство. Сите ние и старееме, а само нашето списание ја има моќта да остане вечно разиграно и весело, полетно и младо.
Горјан Петревски
Летај мала птицо
Една мала птица,
летна преку житото,
го обои светот
со боите на виножитото.
Една поетеса, дама
од рамна Пелагонија,
го создаде „Колибри“,
во „Нова Македонија“.
Оттогаш сите вторници
станаа празници,
поради четирите
насмеани страници.
Летај мала птицо,
уште многу лета,
создавај детство
што мириса и цвета.
Филип Димкоски
Голем јубилеј
65 – години, дечиња, еј!
Тоа е, нели – голем јубилеј?
Кај и да одите со „КОЛИБРИ“ да сте,
зашто на крилјата на „КОЛИБРИ“
најбрзо се расте.
Киро Донев
Колибри расте, а не старее
Да се пишува за „Колибри“ е како да се пишува за детството. За вечното дете што постојано е со раширени раце да те прeгрне со своите магични игри и приказни, во шарениот свет каде што сѐ е разиграно. „Колибри“ е детето што расте, но не старее, затоа што ѝ e верен другар на секоја следна генерација. Среќен роденден и уште многу јубилеи, птицо на детството!
Сузана Мицева
Радоста се множи
кога се дели
со пријатели
Кога се множат години
– се слават родендени,
Кога се создаваат убави спомени
– се споделуваат среќа и радости.
А радоста се множи, кога се дели
со пријатели,
вистински, искрени, долгогодишни…
Нека се множат убави зборови „КОЛИБРИ“ на твоите страници,
Споделувај радости и среќа за големи
и мали,
Среќни 65 лета,
нека се множат години, насмевки, убавини…
Ксенија Маказлиева Трајчева
Гласник на убави вести
„Колибри“ – детскиот прилог, кој го очекуваат млади и стари секој вторник веќе 65 години слави.
Како што најмалата птица колибри ги носи најубавите утрински звуци така и нашето „Колибри“ ги носи најубавите вести и случувања во детската литература и настаните што ги одбележуваат учениците во своите училишта.
Нашето „Колибри“, ете, сите осумнаесет години го следи и детскиот литературен фестивал „Ракатки“, ги објавува нашите конкурси, извештаи и активности.
Ти благодариме од срце,, Колибри“ и заедно да го дочекаме јубилејниот стоти роденден.
Јадранка Клисарова
Благодарност до сите што беа и се дел од „Колибри“
Упатуваме големо благодарам до сите што беа со нас сите 65 години!
„Колибри“ не би било тоа што е да не е резултат на тимска работа. Голем број креативци, чија заедничка нишка е љубовта кон децата, вградија дел од себе во неговото создавање и опстојување сите овие години. Тие овозможија оваа мала, но силна птица да полета уште подалеку и уште повисоко…
Секако, немаше ништо да биде без децата, кои создаваа на овие страници и за чии успеси пишувавме, но тука се и нивните наставници, ментори, тренери, сите институции чиј императив е грижата за најмалите.
А со помош на новинарите и уредниците, фоторепортерите, лекторите, нашите дописници од земјава, техничките уредници, веб-дизајнерите, систем-администраторите, дистрибутерите, маркетинг-агентите, печатарите, возачите и, секако, на крајот продавачите на весникот, како синџир што функционираше беспрекорно во изминатите 65 години, „Колибри“, секој вторник доаѓаше во рацете на децата.
Но „Колибри“ им е омилено четиво и на сите оние што својот живот и професионален ангажман му го посветија токму на едуцирањето и воспитувањето на новите поколенија.
Без сите вас немаше да биде толку шарен, игрив, досетлив, затоа ви закажуваме уште многу дружби во иднина!