фото: приватна архива

Нова сликовница за деца на писателката Марина Мијаковска

Неодамна од печат излезе сликовницата „Штркот Гвин“ на македонската писателка Марина Мијаковска. Во неа авторката низ сугестивна и повеќеслојна приказна ги прикажува авантурите на штркот Гвин.
Инспирирана од градот Скопје, Мијаковска преку раскажување, во кое се вметнати дидактички елементи, зборува за убавините на градот, неговите знаменитости, но од книгата може многу да се научи и за штрковите, за нивната преселба на југ, за нивата исхрана…
– Штркот Гвин од Трансилванија доаѓа во Скопје како гостин, но потоа приказната има пресврт и тој од гостин станува домаќин. Тој се сместува на Скопско кале. Целта на оваа книга е да го афирмира културното наследство на градот Скопје со неговите важни културни спомен-обележја: Старата скопска чаршија, Камени мост, Скопско кале, плоштадот итн. Таа ги учи читателите на најважните семејни вредности, да се сакаат градот Скопје и татковината во која живееме, да се почитуваат македонската култура и традиција – вели авторката Марина Мијаковска.
„Штркот Гвин“ во издание на „Едука мак“ од Скопје е сликовница за деца, но и возрасните во неа ќе најдат читателско задоволство и многу интересни факти.

Ф.Д.