Априлската програма во Кинотеката на Македонија почнува со „Најубавото момче на светот“ (2021 г.). Станува збор за документарен филм за шведскиот актер Бјорн Андресен, кој во 1971 година како петнаесетгодишно момче го снимил „Смрт во Венеција“, на италијанскиот режисер Лукино Висконти. Тој го игра волшебно убавото момче Таџио, во кое е вљубен стариот композитор Густав фон Ашенбах, во интерпретација на Дирк Богард, и оттогаш трае и сенката на несаканата слава на Андресен, со која се занимава документарецот на Линдстром и Петри: Андресен, без да сака, со децении е славен како геј-икона.
Потоа следуваат неколку интересни и значајни филмски остварувања од понов и постар датум. На програмата ќе бидат канскиот победник, контроверзниот „Квадратот“ (2017) на шведскиот автор Рубен Остлунд, необичниот „Со среќа дупење или улаво порно“ (2021) на романскиот „енфан терибл“ Раду Јуде, па најновото остварување „Меморија“ (2021) на тајландскиот режисер со необичната естетика Апичатпонг Верасетакул.
– Поминаа безмалку цели две децении без да видиме нешто ново од култниот српски драматург и режисер Душан Ковачевиќ, но еве го неговиот најнов филм „Не е лошо да се биде човек“ на кинотечната програма. Но, како што ѝ прилега на една кинотечна програма, не ги забораваме ниту класичните наслови што се темел на светската кинематографија. Проекцијата на „Носферату симфонија на стравот“ (1922) на Фридрих Вилхелм Мурнау е по повод стогодишнината од снимањето на филмот. А една друга стогодишнина, онаа од раѓањето на можеби најконтроверзниот италијански и европски автор Пјер Паоло Пазолини ќе биде повод за проекција на неговиот филм „Медеја“ од 1969 година, со оперската дива Марија Калас во нејзината единствена филмска улога. Од македонските класици, дел од априлската програма ќе бидат два филма на Димитрие Османли, „Мирно лето“ (1961), го промовиравме блуреј-дискот со неговата дигитално реставрирана верзија во март, и „Ангели на отпад“ (1995) – најавуваат од Кинотеката.
На програма се и два култни наслови: „Американскиот пријател“ на Вим Вендерс од 1977-та и „Лудиот Пјеро“ на Жан-Лик Годар од 1965 година. Априлската програма содржи уште неколку драгоцени наслови од понов датум, меѓу нив и „Бесконечна поезија“ на Алехандро Ходоровски, чилеанскиот автор со култен статус меѓу филмофилите, и еден од најтрогателните и најуспешни филмови на темата холокауст, оскаровскиот „Синот на Саул“ на унгарскиот режисер Ласло Немеш. Априлската програма во Кинотеката на репертоарот го има и „Кво вадис, Аида“ (2020), на босанскохерцеговската авторка Јасмила Жбаниќ, како и неколку филма од поновата европска продукција.