Антиупатства за лична употреба

Си била една слатка, бела четкичка за заби со црвени срциња и затоа се викала Срцка. Таа често велела „т“ на местото од некои други гласови, па кога ќе ја прашале како ѝ е името, одговарала: – Јас сум теткитката Ттка.
– Четкичката Срцка – ја поправале.
– Па да, теткитката Ттка.

Срцка си живеела во една убава топла футрола заедно со една паста за заби. Но иако таму ѝ беше сосема пријатно, во исто време ѝ беше малку здодевно, оти цело време седеше внатре. Девојчето Билјана ретко, многу ретко си ги миеше забите, а Срцка, иако гореше од желба да ѕирне што се случува надвор, во „белиот свет“, мораше да остане во футролата.
Но еден ден, веќе не можеше да издржи.
– Ајте да се потетаме – ѝ предложи на пастата.
– Не смеам, се плашам.
– Еј, то ти татливка. Јас те отам – рече и си излезе.

Се израдува колку надвор е широко и необично. Штотуку појде да се шетне, кога ете го – стројниот шампон за коса.
– Валентино – се претстави тој и кавалерски ѝ ја бакна раката.
Срцка поцрвени: – Ттка – пропелтечи.
– Ттка?
– Не. Ттка.

Валентино помисли дека четкичката е малку збунета, па да ја охрабри, ѝ рече: – Сакаш ли заедно да поскитаме?
– Тоа ти е топла итеа.
И така си скитале заедно. Сѐ додека не стигнале до еден полуотворен шкаф.
– То има внатре? – возбудено шепна Срцичка.
– Да влеземе.

Во шкафот, сѐ беше некако поинаку. Испеглано, наредено, чисто: едно купче гаќички, едно купче маички, едно купче чорапи… Срцка и Валентино, вчудовидени и тивки, се движеа меѓу овие спастрени суштества, кои сите до еден спиеја, вдишувајќи и издишувајќи заедно: „…пшпшш…“.
Но тогаш, еден груб глас ја пресече тишината: – Стој! Кои сте вие? Каде одите?
Друг глас, исто толку груб и промолкнат, му се придружи: – Фатете ги! Не давајте им да побегнат!

Беа тоа двајцата чувари на шкафот, чифт сиви волнени чорапи со жолти пруги, кои нашите јунаци не ги забележаа. Одеднаш, сите дотогаш заспани гаќички, маички и чорапи се разбудија, скокнаа и со страшна викотница почнаа да ги бркаат Срцка и Валентино.
– То те праиме теа! – исплашено викна Срцка. Но храбриот Валентино ја прегрна и со елегантен скок ја пренесе изненадената четкичка надвор од шкафот. За секој случај, побегнаа уште малку, па кога се најдоа под една масичка, седнаа да прездивнат.
– То се тоа тасни тојапи, Талентино! – токму што Срцка почна да зборува, кога слушнаа како ги повикува нежно, слабичко гласче: – Помогнете миии, ве молам. Ослободете меее од оваа страшна стапицааа. Веќе не ќе можам да летам и да ви донесам гостии.

Што мислите, чие беше тоа гласче што молеше за спасче? Па, да! На малечката Бубамара. Беше заплеткана во мрежата на страшниот Пајак.
– Та ѝ помогнеме! Та ѝ помогнеме, Талентино! – возбудено предложи Срцка.
Валентино се сети дека Срцка би можела да се качи на неговата глава и да ги раскине нишките пајажина обвиткани околу кутрата Бубамара.
– Но тоа ќе биде опасно – се обиде да ја разубеди.
– Та то! Та то! – му возврати таа храбро, а Валентино, бидејќи сосема не разбра што сакаше да каже неговата драга пријателка, ја пушти да се искачи на неговата глава. Срцка замавна со своите остри четчиња и почна да ја кине мрежата на Пајакот. Бубамара и натаму викаше: Помош! Помош! Срцка ги скина и последните нишки обвиткани околу крилцата на Бубамара и преморено клапна во прегратката на шампонот Валентино.

Бубамара прфна со крилцата и радосно извика: – Летам, јас пак летам. Ви благодарам, одам да ви донесам гости!
– Нито та тоа, тутамао!
Четкичката Срцка изгледаше гордо и очајно. Неколку срциња на нејзината мазна дршка беа изгребани, а главата цела ѝ беше обвиткана со пајажинки – остатоци од страшната борба.
– Та отиме тома, Талентино – го замоли својот пријател, кому веќе му се допаѓаше името Талентино.

Веднаш штом се вратија, Срцка се пикна во својата футрола, а Валентино, иако и самиот беше уморен, остана пред футролата да ја чува. Пастата за заби нестрпливо ја испрашуваше Срцка кај била, што ѝ се случило, кој е оној згоден младич пред вратата, но Срцка само се насмевна и веднаш си заспа.
Утрото, мајката го разбуди девојчето Билјана: – Билјанче, Билјанче, што е ова во бањата!

Девојчето мрзливо се упати кон бањата и што да види! Мајка ѝ стоеше со четкичката Срцка во рацете. А каква беше Срцка по возбудливата ноќ, знаеме.
– Засрами се – вели мајката.
Гледа Билјанче – пајажинка на четкичката.
– Толку долго не си ги измила забите што четкичката фатила пајажина!
Билјана првпат во животот гледа четкичка за заби што фатила пајажина. Ѝ беше малку незгодно, па додека грижливо ја бањаше Срцка во лавабото, се обидуваше, целата замислена, да се сети кога навистина за последен пат си ги беше измила забите.

А Срцка и Валентино си шепкаа:
– Тие тојма немаат то се тути, Талентино.
– Навистина, немаат поим што се случи, Ттка.