Отворените уцени и затворените архиви

  • Затворените архиви и отворените уцени се две лица на истата политика што не се обидува да ја открие вистината, туку да произведе невистина. Политика што не бара дијалог, туку покорност. Политика што не верува во силата на аргументите, па затоа се потпира на институционална моќ и европски процедури за насила да ги наметне сопствените наративи
  • Постои нешто што ниту едно вето, ниту една комисија, ниту еден дипломатски документ не можат трајно да го скријат. Историската вистина не живее во политичките вербални декларации, туку во фактите. А фактите имаат конкретна особина. Имено, колку тие повеќе се заклучуваат во архивите толку погласно одекнува прашањето од што всушност се плаши оној што не дозволува да бидат видени. Токму затоа, денес најголемиот проблем на Софија не е Македонија. Нејзиниот најголем проблем е стравот дека еден ден архивите ќе се отворат, а документите ќе проговорат без политички преведувачи и без државно режирани толкувања. Тогаш ќе се урне целата конструкција градена со децении, а ќе остане само она од кое најмногу Софија бега – непобитна сила на вистината за Бугарија

Постојат моменти кога самите постапки на една држава подобро од која било политичка изјава ја откриваат суштината на нејзината политика. Последните случувања во Бугарија повторно ја тргнаа маската зад која со години се крие официјална Софија кога станува збор за Македонија. Од една страна е одбивањето да се отвори целосен пристап до историските архиви поврзани со македонското прашање, а од друга страна е признанието на бугарската претседателка Илијана Јотова за начинот на кој бил создаден и наметнат францускиот предлог. Ако овие две работи се разгледаат заедно, се добива јасна слика за една политика изградена врз двојни стандарди, селективна вистина и институционализиран притисок
Со години од Македонија се бара да ја прифати „вистината“ што доаѓа наметната од Софија. Од нас се очекува да менуваме учебници, да ревидираме историски наративи, да преговараме за сопствениот идентитет и да ги прифаќаме бугарските толкувања како единствено валидни. Но, истовремено, кога се поставува прашањето за отворање на архивските материјали што можат научно и документарно да ги потврдат или демантираат различните тези, тогаш одеднаш настапува молк. Архивите остануваат заклучени, пристапот е ограничен, а документите што би можеле да фрлат нова светлина врз чувствителните историски прашања остануваат надвор од дофатот на научната јавност. Тоа е суштината на проблемот. Ако некој е убеден во сопствената историска вистина, тогаш нема причина да се плаши од документите. Вистината не се чува под клуч. Само наративите што стравуваат од проверка имаат потреба од затворени врати и недостапни архиви.

Уште поинтересно е признанието за францускиот предлог. Наместо приказна за европски компромис и заедничко решение, од бугарска страна слушнавме дека Софија активно учествувала во обликувањето на механизмите преку кои нејзините национални барања биле внесени во европската преговарачка рамка. Тоа всушност е потврда на она што Македонија го тврдеше од самиот почеток: дека билатералниот спор беше европеизиран, а бугарските позиции беа претворени во услов за македонскиот европски пат. Тука се открива вториот слој на лицемерството. Кога Македонија предупредуваше дека станува збор за преседан и злоупотреба на европските механизми, беше обвинувана за претерана чувствителност и национализам. Денес истите тие работи ги потврдуваат луѓето што учествувале во процесот.
Во меѓувреме нефункционалноста на Европската Унија во носењето одлуки дополнително ја охрабрува Софија. Наместо Унијата да биде гарант против национални уцени, таа станува простор во кој поединечни земји членки можат да го користат правото на вето како средство за наметнување сопствени историски и идентитетски агенди. Така, европскиот проект, кој требаше да ги надминува националните конфликти, се претвора во инструмент преку кој тие конфликти се институционализираат. Во случајот со Македонија, проблемот одамна не е само во Бугарија. Проблемот е што некои од европските институции дозволија ваквата практика да стане прифатлива. Наместо принципите, предност добија политичките калкулации. Наместо европски вредности, на сцена стапи логиката на посилниот.
Затоа денешната дебата не е само историска.

Таа е и демократска, и европска, и цивилизациска. Ако архивите се затвораат за да не ја нарушат однапред конструираната вистина, а политичките условувања се пакуваат како европски компромис, тогаш не станува збор за потрага по историска правда, туку за обид за контрола врз минатото и иднината на еден народ. Колку повеќе Софија настојува да ја монополизира вистината толку повеќе се потврдува дека најголемиот проблем не е македонската историја, туку стравот таа историја да биде прочитана без цензура, без политички диктат и без однапред напишан заклучок. А вистината, колку и да се крие зад архивски врати или европски формулации, има една непријатна особина за сите што се обидуваат да ја контролираат: порано или подоцна, секогаш излегува на виделина.