ВО СОУ „НИКО НЕСТОР“ ВО СТРУГА
Еден ден пред одбележувањето на патрониот празник на СОЦ „Нико Нестор“ во Струга, минатиот вторник, се одржа промоција на збирката песни „Трча детството по ливадите“, чија авторка е Стефанија Џутеска, ученичка во прв клас, на насоката за здравствена струка.
Оваа 14-годишна средношколка, кој завршила основно училиште во своето родно село Луково, Струшко, пишува од својата 10. година. Таа ги собра во оваа збирка поезија своите досега напишани песни.
Присутните на промоцијата беа поздравени од директорката на училиштето, Кети Јанкоска, а за збирката песни „Трча детството по ливадите“ од Стефанија Џутеска зборуваше м-р Верица Мукоска, која во исто време е рецензентка и има напишано поговор кон изданието. Уредникот на изданието, писателот и публицист Мишо Китаноски, од името на организаторот на манифестацијата „Вевчанско културно лето – Вевкул 24“, ги поздрави учениците и професорите од основното училиште од Луково и од средношколскиот училиштен центар „Нико Нестор“ од Струга.
На крајот од промоцијата се заблагодари и младата авторка Стефанија Џутеска и прочита неколку свои песни. Нејзиниот настап беше поздравен од соучениците со силен аплауз и со безброј честитки. На крајот, таа им подари по еден примерок од својата збирка на сите присутни.
Текст и фото: Ст.К.