Премиера на првиот документарец за Конески – „Јанѕа“

Премиерата на првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески – „Јанѕа“, според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески, на истакнатиот македонски документарист Никола Т. Калајџиски, ќе се одржи денеска, во 20 часот, во киното „Милениум“. Филмот е во продукција на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.
Режисер и сценарист на филмот е Никола Т. Калајџиски. Монтажата е на Аристид Филактов, додека композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски. Како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки.
Филмот се остварува сo поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Филмот „Јанѕа“ е подготвуван и сниман во период од три години и ги следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески. Огромното значење на делото на Конески за македонската култура и наука и воопшто за нашата држава се претставува преку кажувањата на повеќе истакнати академици, универзитетски професори и воопшто научници/истражувачи од областа на македонистиката и воопшто од областа на лингвистиката, книжевната наука и културологијата, вклучувајќи и странски македонисти што важат за познавачи на делото на великанот – негови современици и потомци.
Сценаристот и режисер на филмот, познатиот документарист Калајџиски, зад себе има кариера со голем број документарни филмови што се прикажувани на домашни и меѓународни фестивали. Овој негов најнов филм, посветен на централната личност на македонскиот 20 век, се очекува да фрли нова светлина врз ликот и делото на Конески, затоа што не само што во целост го претставува неговиот влог за македонската култура и наука, како и воопшто за современата македонска држава, туку опфаќа и димензии на неговата личност што не се многу коментирани во досегашните осврнувања за великанот и малку познати сегменти од неговата биографија.