Етика за млади

Блиските луѓе ги познавам и препознавам. Со нив ме врзуваат контакти, со нив имам подолга или пократка врска, заеднички случки, меѓусебно сме си доверливи, си се имаме. Блискиот е дел од мојот живот.
Се радувам на средбите со блискиот, со него ги споделувам грижите и радостите, ми се чини дека со него ми се случува животот. Блискиот знае многу за мене, јас многу за него. Тој е онаа личност што ме крепи.
Ближниот е оној што е до мене, тој е мој сосед, тој е тука некаде, а може и да не го познавам. И блискиот ми е ближен, но бројот на ближните е поголем од оние што ми се блиски. Јас многу луѓе не познавам и не се дружам со нив, но и тие ми се ближни. И тие се луѓе како мене, имаат свој живот, свои планови и дејства, свои надежи и желби. Тие се исто така личности, со душа и срце, со свој ум и со свој помин во животот, со радости и страдања. И тие ги имаат истите права на живеење и надевање.
Постоењето на ближниот е исто толку важно колку и моето постоење. Иако можеби ближниот живее веднаш до мене, а јас не знам за него, сепак сум свесен дека постои, затоа што јас не сум сам на светот. Насекаде околу нас има природни убавини, животни и растенија и многу човечки дела и творби – сепак, најважниот дел на светот се луѓето.
Ближни се сите луѓе на светот, блиските и непознатите, оние постарите, врсниците и помладите, од мојот крај и од друга земја, од мојата и од друга раса. Сите ние ги сочинуваме човештвото и човековата свест.
На добрите луѓе ближен им е секој човек.
Ближните се тука околу нас. Луѓето сметаат на нив и зборуваат со нив. Самото тоа укажува дека секој човек живее во исто време и во ист простор со други луѓе, со нив ги дели доброто и злото, има исти сфаќања за животот, слични активности и речиси исти (слични) животни насоки.
Ближниот е смислата на човештвото. Тој е мое сознание дека не сум сам и дека сакам да сум со другите, дека ги почитувам, оти мислам на нив, дека не бегам од нив и дека сум свртен кон нив. Секој ближен утре може да ми стане близок, но прво е тоа што ми е ближен. Ближниот е дел од мојот живот.

Автор: проф. д-р Кирил Темков 


Етичка мисла

Љуби го ближниот како самиот себе!

Исус Христос