Ново продолжение во низата акции што деновиве ги спроведува полицијата за сузбивање на нелегалната трговија со дрога. Вчераутро на наплатната рампа пред Тетово, на автопатот Гостивар – Тетово, полицијата заплени големо количество дрога, а уапсени се двајца дилери од Арачиново, дознаваме од извори во истрагата.
ОД МВР потврдија дека станува збор за поголема полициска акција, а детали најавуваат по нејзиното завршување.
Според она што го дознаваме, во 6.45 ч., на наплатната рампа Гостивар – Тетово, џип „ренџ ровер“ не застанал на даден знак од полициските службеници. Наместо тоа, продолжил да се движи, ја скршил рампата и удрил во службено комбе. Припадниците на полицијата испукале куршум во гумата од џипот, по што возилото застанало, а патниците биле приведени. Станува збор за К.А. (32) и О.А. (23), двајцата од с. Арачиново, Скопско. При претрес, во џипот се пронајдени четири вреќи со марихуана со вкупна тежина од околу 25 килограми. Според првите процени, вредноста на дрогата се проценува на повеќе од 100.000 евра.

Ц.Х.