Минатата година Ордан исто така доби бронзен медал на макетарскиот натпревар што се одржа во Скопје, за изработката на диорама со повеќе космонаути – војници
Деца таленти – Меѓународни успеси во макетарство
Ордан Симоновски е роден во Соединетите Американски Држави во една мала сојузната држава на источното крајбрежје што се вика Конетикат. Но тој сега живее во Скопје со своите родители и е одличен ученик во петто одделение во ОУ „Браќа Миладиновци“, каде што има и многу другарчиња. Како и секое дете, Ордан има многу интереси. За рекреација тој сака да тренира кендо, но исто така сака да изучува и странски јазици – неговиот најнов интерес е јапонскиот.
Но има нешто уште поинтересно за Ордан. Во сѐ позаситеното секојдневие на мобилни телефони и виртуелни светови, тој многу сака да прави макети од пластика. Ордан почнува да се занимава со макетарството во прво одделение, каде што ги користи преостанатите делови од макетите што го изработува татко му и прави мали фигурички што ги нарекува роботи. Неговиот интерес се зголемува низ годините и најмногу изработува научнофантастични макети на возила и космонаути.
За да се изработи една макета, најпрво треба да се има многу трпение, а и голема фантазија. Трпението е за првиот дел од работата. Деловите на макетата треба да се исечат, да се истругаат и да се залепат. Земајќи предвид дека некои делови не се поголеми од три милиметри, исто така трабаат добар вид и цврста рака. Кога макетата е целосно склопена, тука доаѓа вториот дел – фантазијата. На макетата најпрво ѝ се нанесува боја за прајмер, па потоа се бои како што е прикажано на кутијата или како што ве носите фантазијата. Макетата се бои со посебни макетарски бои, користејќи четки или нешто што се вика воздушна четка. Тука има бескрајна комбинација на бои и можности.
Ордан е член на македонското макетарско друштво – „Мајор Михајло Ивановски–Микс“ од Скопје. Досега има добиено повеќе медали и дипломи на повеќе макетарски натпревари. На последниот натпревар што се одржа во Солун, Грција, Ордан доби златен медал во категоријата јуниори за научнофантастичното возило – тенк.
Минатата година Ордан исто така доби бронзен медал на макетарскиот натпревар што се одржа во Скопје, за изработката на диорама со повеќе космонаути – војници. Освен натпреварот и изложбата на макети, Ордан запознава и врсници, макетари од Балканот, но и од пошироко. Тука се споделуваат нови техники и идеи на изработки, но се создаваат и долги пријателства.
Се надеваме дека со овој текст ќе го запознаете Ордан подобро, но и дека ќе биде инспирација за нови млади макетари. Во тек е зимскиот распуст, а со тоа и во слободното време може да се проба нешто ново и да се искористи фантазија. Се надеваме дека на наредниот натпревар во Скопје ќе има поголем број млади макетари, а со тоа и нови пријателства!
Редакција „Колибри“