Медицински совет
Колкупати рефлексно сте посегнале по стапчиња за чистење уши по туширање или кога ви се чини дека увото ви е затнато? Иако таа навика е широкораспространета, експертите предупредуваат дека може да предизвика сериозно оштетување на тапанчето и појава на тинитус – постојан и непријатен звук во ушите што го нарушува квалитетот на животот.
Тинитусот најчесто се манифестира како зуење, пулсирање, брмчење или бучава во едното или двете уши. Таа состојба може да биде периодична или постојана, а во потешки случаи значително ги нарушува спиењето, концентрацијата и емоционалната состојба на пациентите. Експертите објаснуваат дека со неправилно чистење на ушите со памучни стапчиња, често ја туркаме ушната маст подлабоко во каналот, каде што може да го притисне тапанчето и да предизвика тинитус. Покрај чепчињата за уши, други фактори, како што се изложување на гласна музика, ненадејни промени во притисокот за време на летање или нуркање и одредени инфекции, можат да придонесат за оштетување на слухот и тинитус.
Како безбедно да се одржува хигиената на ушите?
Избегнувајте памучни стапчиња. Ушната маст е природен заштитен механизам кој спречува да навлезат нечистотија и бактерии. Во повеќето случаи увото се чисти само и не е потребно дополнително отстранување на восокот.
Користете раствори за плакнење уши. Плакнењата за уши на база на солен раствор или маслените капки може да помогнат во растворање и безбедно отстранување на восокот.
Консултирајте се со експерт. Доколку имате проблем со затнување на ушите или чувствувате зуење, задолжително посетете отоларинголог, кој безбедно ќе го отстрани насобраниот восок. Во случаи кога тинитусот е веќе развиен, иновативните методи како невроаудитивна стимулација и уредите за „бел шум“ им помагаат на пациентите да научат да игнорираат иритирачки звуци. Тинитусот не е само физички, туку и психолошки предизвик, а професионалната поддршка и терапија можат да донесат олеснување. Затоа, следниот пат кога ќе посегнете по стапче, запомнете – здравиот слух заслужува внимание и соодветна грижа.