Вулканот наречен Аксиал Симаунт, кој се наоѓа на околу 470 километри од брегот на Орегон, во западниот дел на САД, би можел да еруптира во 2025 година, предупредуваат научниците. Вулканот се наоѓа на длабочина од 1.400 метри под нивото на морето, додека неговата висина е 1.100 метри. Тој е познат како „најдобро набљудуван подводен вулкан на планетата“, благодарение на каблите на морското дно, кои го следат секое негово движење, треперење или навалување во реално време.
Геологот Марк Замберг од институтот за океанографија „Скрипс“ го опишува како „најдобро опремен вулкан во светот“. Благодарение на високото ниво на мониторинг, научниците можат однапред да ја предвидат неговата ерупција. Последен пат овој вулкан еруптираше во 2015 година, а сега покажува слична активност. Новата ерупција би можела да донесе важни информации за подобро разбирање на овој природен феномен.
Во ноември 2024 година, површината на вулканот се издигна на иста висина како и пред ерупцијата во 2015 година. Ова укажува на акумулација на магма под морското дно и зголемување на притисокот во вулканот.
Според експертите од Државниот универзитет во Орегон, оваа ситуација е речиси идентична со онаа во пресрет на ерупцијата во 2015 година, кога истражувачите успеаја да ја предвидат ерупцијата, која беше наречена „најдоброто предвидување од ваков вид до денес“.
Вулканологот Валерио Акочела од Универзитетот „Тре“ во Рим ја истакна важноста на овој вулкан за понатамошни истражувања.
– Вулканот е исклучително ветувачки за проучување. Неговото следење може да ни помогне подобро да ги разбереме механизмите на вулканските ерупции и евентуално да спречиме катастрофи – рече тој.
Новото истражување вклучува примена на вештачка интелигенција за анализа на податоците од земјотресот од пред ерупцијата во 2015 година. Оваа технологија може да открие модели што би помогнале да се предвидат идните ерупции. Иако ерупцијата на вулканот во 2025 година нема да направи револуција во предвидувањата за ерупција, тоа сепак, според научникот, ќе биде значаен чекор напред.