Наградата „Борисав Станковиќ“ на 43. интернационален театарски фестивал „Борини позоришни дани“, за најдобра машка улога му се доделува на Никола Ристановски за ликот на д-р Томас Стокман во претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Македонскиот народен театар – Скопје.
Одлуката ја донесе комисијата во која членуваа: Катерина Коцевска, актерка од Скопје, Душан Петровиќ, режисер и професор на ФДУ во Белград, и Давор Шпишиќ, драматург и сценарист од Загреб.
– Никола Ристановски во улогата на д-р Томас Стокман рискантно и дрско го спојува неспоивото: најдрската превртливост и пеливанската балканска итрина. Тој игра човек што како денешниот слеп Едип незапирливо ја напаѓа општествената неправда и тврдоглаво истрајува во битките за правда, до работ на Бекетовите кловнови, отфрлен од сите и упорен во тоа – се истакнува во образложението на комисијата.