Голема изложба на Томе Аџиевски во „Чифте-амам“

На 9 ноември, во 19.30 часот, во Националната галерија, во објектот „Чифте-амам“, ќе се отвори изложба на авторот Томе Аџиевски, насловена „Уанс апон а тајм ин д ист“. Аџиевски е еден од исклучително важните уметници на т.н. средна генерација македонски современи уметници (дипломира на Академијата за ликовни уметности во Загреб во 1983 година) и со својот младешко-бунтовнички карактер и желба за „револуционерни“ и брзи промени на уметноста кај нас влијае врз осовременување на македонскиот визуелен вокабулар како дел од македонската постмодерна.
– Контроверзен но моќен, раскошен но некогаш и оспоруван, Аџиевски отсекогаш со особена вештина создава дела што имаат исклучителни просторно-естетски специфики, но ангажираниот општествено-политички дискурс доминира како важен белег на неговиот уметнички темперамент. Тој се потпира на значајни моменти од историјата на уметноста на 20 век, кои како до ден-денес да се движат по некоја циклична траекторија, со пресвртни револуционерни мигови што доведуваат до смена на темпото, на разбирањето на уметноста и на нејзината улога и, секако, улогата на уметникот во социоопштествениот хабитус – се наведува во најавата.
Најновиот творечки циклус на Томе Аџиевски претставува своевиден омаж на периодот на руската авангарда и нивната уметничка револуција – како реакција на општествената револуција.

– Овој исклучително важен период од развојот на уметноста на минатиот век и историјата на уметноста генерално, преку неоавангардата, сѐ уште има реминисценции врз уметноста на современоста, т.е. уметноста што се создава денес, колку и навидум анахроно самата неоавангарда да се перципира. Аџиевски „презема“ некои од искуствата на руската прогресивна уметничка интелигенција, предностите на апстрактната уметност, на конструктивизмот, на метафизичката уметност, супрематизмот, на уметноста како теорија, неоавангардата од 1970-тите, постмодерната естетика, со цел да допре до некои мошне акутни проблеми и денес. Преку ваквата визуелна предлошка, Аџиевски ја проблематизира и улогата на уметникот и уметноста од Источна Европа, каде што геополитички припаѓа и нашата земја, тенденциозно говорејќи за потреба од поголемо вреднување на источната традиција, а не слепо следење на западниот глобализам, на што сме сведоци со децении – вели кураторката на проектот Ана Франговска, виша кустоска во Националната галерија.

Во своите творечки постапки Аџиевски успешно ги вградува класичните техники и материјали (бронза, дрво, камен) и современите средства (видео, билборд-фотографија, компјутерски техники). Неговата изложбена дејност е позната во Белград, Загреб, Сараево, Анталија, Грац, Нирнберг, Дрезден, Берлин, Манчестер, Париз, Вашингтон, Њујорк, Сан Франциско, Лос Анџелес, Венеција, Болцано, Александрија итн. Во 2017 г. Аџиевски беше македонски претставник на 57-то Биенале во Венеција, со проектот „Ред карнивал“, во кој посткомунистичките револуции испразнети од идеологија и со первертирана содржина ги сместува во зоната на глобалистичките медиумски спектакли. Благодарение на долгогодишната уметничка дејност, неговите дела се застапени во збирките на Музејот на современата уметност и во Националната галерија во Скопје, во новата галерија при обласниот музеј „Јоанеум“ во Грац и во галеријата „Евелин Гресман“ во Берлин.