Кон филмот „Бо е уплашен“ на Ари Астер

Рецензија

„Бо е уплашен“ е речиси тричасовно лудо патешествие низ луцидните соништа на Ари Астер. Надреална одисеја што секако заслужува почит и внимание. Филм што ќе се каеш и ако го гледаш и ако не го гледаш. Долг, збунувачки и дефинитивно не за секого. Гледајќи го филмот, рејтингот и оценката од момент на момент расте и опаѓа, од точка на маестралност до точка на гротеска и карикатуралност во одредени сцени и сегменти на филмот. „Бо е уплашен“ со сигурност е еден од филмовите што никогаш не би му ги препорачале некому.

Импресивниот Жоакин Феникс, прикажан преку ликот на анксиозниот и параноичен Бо Васерман, доживува екстраординарни суреални стравотно-комични сцени на патот кон неговата штотуку трагично почината мајка. Бо тргнува по својот пат, исполнет со метафорични интерпретации на неговиот мизерен живот во кој тешките лекарства и неговиот психијатар се во главна улога. Според реномираниот „Гардијан“, станува збор за филм инспириран од грчки драми зачинет со кафковска параноја. Обезглавувањето како чин, кој го има и во претходниот филм „Наследено“, очигледно го фасцинира Астер.

Астер солидно се служи со алатките на Линч, Аронофски, Херцог, Фон Трир… овие, несомнено, негови омилени режисери. Неоспорни се линчовската атмосфера, долгите некогаш безначајни монолози на ликовите во крупен план, кои се губат во својата сопствена магливост и постоење.
Локацијата се менува, но расположението останува хистерично. Природата, предградијата и луксузот ги сместуваат своите непредвидливи и мистериозни форми на зло: добрите Самарјани се толку добри што нивната добрина станува задушувачка и перверзна; тинејџерките покажуваат макијавелистичка вештина за сексуална уцена; во итра инверзија на Жижековата анализа на куќата во „Психо“ на Хичкок, поткровје. Тоа што Бо се плаши не е никакво изненадување. Ефектот на страв, нервоза, неизвесност, од Бо брзо и лесно преминува и на гледачот, кој во еден час го обзема зачуденост, а во другиот момент бес и нервоза.
По завршувањето на филмот почувствував дека Астер се надминал, па дури и се преминал сам себе во обидот да направи нешто многу комплексно, кое, според мене, резултирало со некој вид претенциозност. Чуден за да биде чуден, а не поради некоја специјална потреба за тоа. Еднакво разбеснуваат и воодушевуваат апсурдните детали, како на пример саундтракот на Мараја Кери во една несмасна еротска секси-сцена што завршува како лакрдија.

И додека го пишувам ова ми преовладуваат контрадикторни мисли, дали овој филм ми се допадна или не, земајќи предвид дека е снимен со најголем буџет на продукцијата „А24“ досега. Во никој случај не потценувајќи ги неговите претходни филмски достигнувања, очигледно е дека „Бо е уплашен“ има тенденција да прерасне во грандиозен хорор-класик со текот на годините.

Игор Манојловски