Факултетот за драмски уметности (ФДУ) ги најавува новите „Скомрахи“ – меѓународни средби на студенти од драмските академии, кои ќе се одржат од денеска до 5 ноември. На сцените на факултетот ќе бидат прикажани осум театарски претстави и 25 филма на студенти од Романија, Србија, Полска, Хрватска, Косово, Албанија, Шпанија, Белгија, БиХ, Турција, Црна Гора, Чешка. Иран и од Германија. Пред скопската публика ќе се претстават и домаќините – студентите на ФДУ. Богатата програма вклучува и изложби, работилници, дискусии и предавања, заедно со препознатливите „СкомрахОФФ“ – музичка програма и забави во бифето на ФДУ.
– Како и во изминатите 31 година, средбите во целост се простор за креативноста, енергијата и пасијата на студентите. Како и во минатото, така и денес тие продолжуваат да размислуваат и да создаваат со поглед и кон иднината, со сите нејзини предизвици. А на годишното издание акцентот го ставаат и на своите улоги во уметноста во новото време, што се одликува со сѐ поголема „улога“ на вештачката интелигенција – велат од ФДУ.
Отворањето е вечерва во Драмскиот театар – Скопје, со краткиот филм „Тага“, во режија на Тина Величковиќ, и со дипломската театарска претстава „Вилицата на Ибен Бајерс“, во режија на Борис Василески, и двете целосно создадени од студентите на ФДУ.