Климата и временските услови како фактор за победа или пораз во војна
- Од Наполеоновиот мраз до денешната суша, Русија повторно ја добива наклоноста на еден сојузник познат од најстарите времиња и најнепредвидливите историски битки – факторот временски услови (клима)
Во големите војни, историчарите обично ги калкулираат воените арсенали и потенцијали на завојуваните страни. Но постои уште една сила што не се појавува во воените биланси, а понекогаш може да биде пресудна. Тоа е климата, односно временските услови.
Студот, снегот, дождот, калта, жештината, сушата… Имено, природата секогаш игра некаква улога што оди на рака на некоја од завојуваните страни. А во одредени историски моменти, нејзиното влијание може да биде толку силно што создава впечаток дека самата клима (временските услови) активно влегла во војната. Денес, Европа се соочува со една таква форма на климатски удар, а Украина се бори со временските услови во обид во воени услови да ги одржи своите извозни канали и економскиот крвоток, заради одржување во живот на војната дома. И наместо мраз што замрзнува војници пред Москва, сега има жега што ја суши почвата, го намалува водостојот на Дунав и ја отежнува пловидбата. Историската слика е променета, но времето/климата останува со импакт-фактор. Лекцијата, сепак, останува слична. Во војна, времето може да биде исто толку важно како и оружјето.
Неколку историски паралели за влијанието на климата во војните, од Наполеон до денешната војна во Украина
Во 1812 година, Наполеон Бонапарта тргна кон Русија со една од најмоќните армии што дотогаш ги видел европскиот континент. Походот кон Москва требаше да донесе одлучувачка победа. Но огромните руски пространства, повлекувањето на руската армија во пакет со уништувањето на ресурсите и, конечно, високиот ризик-фактор како што се временските услови, односно суровата зима, ја претворија француската инвазија во катастрофа. Мразот и студот не ја победиле сами по себе Наполеоновата армија – таа веќе била исцрпена од долгиот поход, логистичките проблеми, недостигот од храна и огромните растојанија. Но зимата го претворила сето тоа во смртоносна комбинација.
Натаму, повеќе од еден век подоцна, во Втората светска војна, слична слика повторно ќе се појави на Источниот фронт. Германските сили тргнаа кон Советскиот Сојуз со амбиција за брза победа. Но војната се развлече во поширока временска рамка благодарејќи на отвореното ново боиште на југословенскиот простор, па зимата ги затекна германските јуришни сили за Источниот фронт во услови за кои не биле соодветно подготвени. Повторно, климатските услови дополнително го зголемиле товарот врз напаѓачот, силите на оската. Оттука произлегува една од најинтересните паралели со денешната војна во Украина.
Денес не е мразот, туку сушата
Двесте години по Наполеон, климатската слика е речиси обратна. Нема ледени патишта и смрзнати војници пред Москва. Има рекордно високи температури, исушена почва, пожари и реки со намален водостој. А последиците не се само еколошки. За Украина, тие се економски и стратешки, што стравотно влијаат врз украинските црноморски пристаништа со нарушување на традиционалните извозни водни канали. Дунав како еден од клучните алтернативни патишта за украинското жито и земјоделски производи кон светските пазари се повлече, при што се стеснува и просторот за украинско маневрирање. Нискиот водостој на Дунав ја отежнува пловидбата и го намалува капацитетот на транспортот. Во Романија, истиот проблем се прелева и во енергетиката, бидејќи ниското ниво на водата влијае врз производството на електрична енергија. Така, една природна временска (климатска) појава создава низа клучни негативни последици, како што е помалку транспорт, посложена логистика, поголеми трошоци, дополнителен притисок врз енергетиката и нов товар врз веќе исцрпената украинска економија…
Справување со последиците од екстремните временски услови
Во тоа е паралелата на денешната ситуација со која се соочуваат Украина и Европа, односно справувањето со последиците од екстремните временски услови. Според податоците наведени во анализите за состојбата, просечната температура во Западна Европа во јуни и јули достигнала 21,62 Целзиусов степен, надминувајќи го претходниот рекорд од 2022 година. Истовремено, влажноста на почвата била значително пониска отколку во истиот период. Тоа можеби изгледа како статистика од климатски извештај. Но, во услови на војна, статистиката станува геополитика. Сушата значи проблеми за земјоделството. Нискиот водостој значи проблеми за речниот транспорт. Екстремните температури значат поголема потрошувачка на енергија и дополнителен притисок врз електроенергетските системи. Пожарите создаваат нови штети и трошоци. И сето тоа се случува во Европа во момент кога таа веќе плаќа висока цена за поддршката на Украина. Затоа климатскиот фактор го издвојуваме како своевиден мултипликатор на кризата. Не мора да предизвика катастрофа сам по себе. Доволно е да ги направи сите други проблеми малку поголеми.
Русија и старата лекција на географијата
Историјата не се повторува буквално. Ниту денешната суша може да се спореди со мразот во 1812 година или со зимата на Источниот фронт во 1941 година. Но постои една длабока заедничка нишка. Русија отсекогаш била простор во кој географијата и климата имаат огромно стратешко значење. Огромните растојанија, реките, сезонските услови и суровата зима повеќепати го зголемувале товарот врз армиите што се обидувале да навлезат длабоко во руската територија. Денес Русија е напаѓач во Украина, а Украина е таа што се обидува да преживее во услови на долга војна. Но повторно се појавува истата стара формула. Природните услови можат да му дадат дополнителна тежина на оној што има повеќе време, повеќе простор и поголема способност да го поднесе ударот.
Противник што никој не може да го совлада
Сите воени сили, дури и големите, може да претрпат штети. Да бидат поразени, дури и победени. Но, климата, времето и во најновиот случај – сушата, не може да се победат.
– Со нискиот водостој не може да се преговара. Топлотниот бран не може да се одврати со нов пакет европска помош или европски санкции. И токму затоа климатските промени се толку интересен и непредвидлив фактор во оваа и секоја друга војна. Да не се разбереме погрешно. Тие не се руски сојузник во политичка или воена смисла. Но нивните последици, во конкретен момент, можат да се совпаднат со руските стратешки интереси. Ако Украина потешко извезува жито, ако европските транспортни коридори се преоптоварени, ако енергијата е под дополнителен притисок, ако земјоделците се соочуваат со поголеми загуби, а складиштата се полнат побрзо од извозните канали – тогаш Москва добива нешто што не мора да го освои со тенкови – времето како сојузник – изнесува интересно толкување нашиот соговорник, генерал во пензија и поранешен началник во југословенската армија.
Од „генералот Зима“ до „генералот Суша“
Можеби затоа најдобрата историска паралела денес не е дека климатските услови „ја победуваат Украина“. Тоа би било премногу едноставно. Попрецизно е да се каже дека времето ја зголемува улогата и во украинско-рускиот воен судир.
– Некогаш тоа бил „генералот Зима“, како што со децении популарно се опишуваше улогата на руската зима во поразите на Наполеон и германските сили. Денес би можеле да зборуваме за неговиот необичен наследник -„генералот Суша“. Тој не замрзнува војници, но тој „генерал Суша“ ги забавува бродовите, ги ограничува товарите на бродовите, го суши коридорот по кој треба да минува украинското жито… И додека Украина бара нови железнички линии, нови пристаништа, нови силоси и нови финансиски механизми, Русија не мора да прави ништо за да искористи една од најстарите вистини во воената историја: Најсилната страна не е секогаш онаа што задава најсилен удар. Понекогаш предност има и онаа што може подолго да издржи кога целиот систем околу неа почнува да се распаѓа под притисок на времето – изнесе исклучително интересно мислење нашиот соговорник, генерал во пензија, со големо искуство во воената логистика и т.н. заднинско снабдување на воените сили со потребните ресурси за војување.
Од Наполеон пред Москва, преку германската армија пред Москва, до украинските бродови на денешниот Дунав, историјата повторно нè потсетува дека војните не се добиваат само со оружје. Понекогаш пресуден играч е оној што никој не го поканил на бојното поле – климата!
Педесет и девет милиони тони жито во Украина и прашањето како да се транспортира и да се направи извоз?
Сушата со драматични последици за украинското земјоделство
Поради нарушувањата во функционирањето на црноморските пристаништа, процените укажуваат дека извозот на земјоделски производи во 2026–2027 година би можел да падне за дури 54 отсто, на 29,6 милиони тони. Падот на извозот на пченица, според процената на украинското Министерство за земјоделство, би можел да достигне 53 отсто, со извоз од околу 8,3 милиони тони. И тука доаѓа еден парадокс што најдобро покажува колку е комплексна украинската воена економија. Проблемот не е само дали Украина ќе произведе доволно жито. Проблемот е каде ќе го стави житото ако не може навреме да го извезе, да го пренесе, кога сушата ги прекина водните (речните) патишта. До почетокот на ноември во украинските складишта би можеле да се најдат околу 59 милиони тони жито. Недостигот од складишни капацитети се проценува на околу 11 милиони тони. Тоа значи дека војната може да произведе апсурдна ситуација. Земјата има земјоделски производи, но нема доволно безбеден и ефикасен пат тие производи да стигнат до купувачите. А кога дополнително ќе се намали капацитетот на Дунав поради сушата, проблемот станува уште посложен.
Констанца, железницата и трката со времето
Киев затоа го проширува користењето на алтернативните извозни правци преку романското пристаниште Констанца и бара нови железнички маршрути. Тоа е трка не само со Русија туку и со часовникот, временските услови и капацитетите на европската инфраструктура. Украина се обидува да најде нови патишта токму во момент кога старите стануваат поскапи, понеизвесни или едноставно недоволни. Затоа украинските власти побарале од Европската комисија и 220 милиони евра за субвенционирање кредити за малите и средните земјоделци. Секоја од овие мерки има логика сама по себе. Но заедно тие покажуваат нешто многу поголемо: војната одамна не се води само на фронтот. Таа се води во пристаништата, железниците, силосите, електроцентралите и речните коридори. А сега, сè повеќе, и во климатскиот систем. М.В.

































