Македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, квалитетот и посебните својства, како и кјуар-код преку чие скенирање ќе бидат достапни сите информации содржани во сертификатот, со понатамошни активности за воспоставување систем на препознатливост и автентичност на овој редок минерал, што беше презентирано на прес-конференција одржана вчера во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Фокусот е ставен на документирање на потеклото на рубинот, воспоставување јасни критериуми за сертификација и на создавање механизми за автентична промоција на рубинот дома и во странство. Со воспоставувањето јасни стандарди, како што беше истакнато, македонскиот рубин добива можност да прерасне во препознатлив национален бренд, што ќе создаде нови економски можности.
– Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство со свое наследство и своја приказна. Наша обврска е таа природна вредност да ја претвориме во препознатлив и заштитен македонски производ зад кој ќе стојат јасни правила, проверен квалитет и доверба. Сакаме македонскиот рубин да биде препознатлив и ценет првенствено во Македонија, а потоа и во регионот и, секако, на меѓународниот пазар. Сакаме името да биде поврзано со земјата од која потекнува, специфичните својства да бидат препознаени и заштитени. Сакаме секој производ што ќе го носи ова име да ја пренесува приказната за македонската природа, геологија, традиција и уметност. Потребна ни е вашата поддршка, односно од медиумите, стручната јавност и од сите што ја препознаваат вредноста на природното богатство. Она што природата ѝ го подарила на Македонија да го заштитиме и да создадеме услови за да ја добие својата вистинска вредност – рече министерката Сања Божиновска, која го презентираше досегашниот напредок за заштита на македонскиот рубин, како и предвидените идни чекори, заедно со членовите на новоформираната комисија за македонскиот рубин и претставници на Геолошкиот завод, Заводот за индустриска сопственост и други институции.
Понатаму се предвидени и активности за меѓународна промоција, со цел македонскиот рубин да стане препознатлив бренд на глобалниот пазар. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини минатата година, во координација со Геолошкиот завод, првпат поведе иницијатива за институционална и правна заштита на македонскиот рубин како географска ознака. Геолошкиот завод потоа го изработи елаборатот, во кој беа утврдени потеклото, специфичните карактеристики и другите релевантни својства на македонскиот рубин. Врз основа на оваа документација, годинава во мај беше поднесена пријавата до Државниот завод за индустриска сопственост, кој на 17 јуни донесе решение со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита. Д.Ст.































