Фото: „Голден пијано талентс“

Среќни вести

Седумдесет млади пијанисти од Кина, Италија, Полска, Турција, Грузија, Романија, Србија, Германија, Словенија, Бугарија и други земји настапија на петтото издание на Меѓународниот пијанистички фестивал „Голден пијано талентс“, кој на 18 и 19 септември се одржа во Штип.
– Пред пет години фестивалот започна со една идеја и со голема желба да создадеме место каде што музиката ќе ги спојува луѓето, место каде што младите пијанисти од различни земји ќе доаѓаат не само да настапуваат и да бидат наградени туку и да се запознаваат, да учат едни од други, да создаваат пријателства и преку музиката да ги запознаат нашата земја, нашиот град и нашата култура. Со еден збор, сакаме светската музичка култура да ја доближиме до македонското културно наследство, а нашата култура, нашата традиција и нашето гостопримство да ги отвориме кон светот. И денес кога гледам млади пијанисти од целиот свет, со нивните професори и со нивните семејства тука во нашиот град, чувствувам дека таа идеја стана реалност – рече м-р Марија Максимова, претседателка на Интернационалното здружение „Арт фест“-Штип, кое го организира фестивалот.
Меѓу многубројните млади пијанисти што настапија, а се носители на високи награди, е и Гуореј Сју од Народна Република Кина, кој истакна дека му е чест што е поканет на овој фестивал и дека се радува на убавиот акустичен простор во штипскиот Безистен.
– Свирам две дела на двајца големи композитори, едно од Чајковски и едно од Стравински. Двете дела се едни од најпредизвикувачките за изведба во пијано-репертоарот. Ми се допаѓа оваа акустична и специфична сала. Градот Штип е прекрасен и убаво се чувствувам овде – рече Гуореј Сју.

Извор: ТВ Стар