Македонија здраво да ги преиспита своите политики

Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија

Претседателот на Партијата на Македонците во Србија, Горан Илијевски, даде свој коментар околу последните случувања во земјава по посетата на косовскиот премиер Аљбин Курти на општините Чаир и Тетово, повикувајќи да се преиспита одлуката на Македонија за признавање на Косово.
Тој во својата реакција, односно реакцијата на македонското малцинство во Србија, загрижен за состојбите во својата матична земја, наведува единаесет точки, обраќајќи се до македонската јавност и институциите, трагајќи по одговори и од македонските државни органи за поткопувањето на кредибилитетот на државата со манифестирање големоалбански идеи.
Според Илијевски, прво што треба да се направи е Македонија веднаш да ја преиспита одлуката за признавање на Косово бидејќи, како што смета, таа е донесена спротивно на волјата на македонскиот народ и бара за тоа прашање да се распише референдум.
– Го признавте Косово иако од Косово имаше класичен упад на КЗК корпус и напад на воен конвој на АРМ од страна на косовските сили. Има споменици за амнестираните терористи, дел од нив станаа државни функционери, како на пример, претседателот на Собранието, кого и денес го нарекуваат команданте. А за загинатите припадници на АРМ нема решен статус и обележјата (не споменици) постојано се кршат – наведува Илијевски.
Тој отворено прашува во која држава во светот го има тоа, терористи (УЧК е прогласена за терористичка организација) сега да управуваат со државни институции?
– Поголема штета прават денеска што ги уриваат институциите како продолжение на 2001 година – истакнува претседателот на Партијата на Македонците во Србија.
Тој понатаму се осврнува и на другите случувања во Македонија.
– Зошто неуставно се укинати три пратенички места од дијаспората, од најголемата изборна единица 7. До кога во борбата за власт македонските најголеми партии ќе прават антидржавни отстапки и непринципиелни коалиции со албански партии? Кој ја води надворешната политика на Македонија со застапување на интересите на Косово и барање на другите држави да го признаат. Имаме ли државна национална стратегија или само уценета партиска политика заради формирање на власта? Што прави Агенцијата за национална безбедност кога по државата се шетаат поединци со странски знамиња – бугарски, знамиња на голема Албанија… работат ли нешто за националната безбедност? Кој ја води и чија е Македонија? До кога мислите дека може вака? – отворено прашува Илијевски.
Тој бара одговор и зошто се уништени државните институции и е направена нефункционална држава со вработувања нестручни и корумпирани партиски кадри.
– Треба ли други да ни кажуваат дека има огромна корупција, тоа да го признаваме и ништо да не се презема? Македонија тоне, а македонските партии освен што се препукуваат и навредуваат ништо конкретно не преземаат, не сте свесни дека ги губите државноста, суверенитетот и интегритетот – констатира Илијевски.
Тој уште и прашува дали државна стратегија е на Македонците од дијаспората да не им се даваат македонски државјанства, а ДУИ се фали дека доделила 12.000 државјанства (изјава на државен функционер).
– Еден Македонец од Србија веќе трета година чека на македонско државјанство, со комплет документација… Толку ли чекаат и криминалците што добиваа македонско државјанство? Доста беше, разбудете се, не уништувајте ја државата, вие не ја направивте, за неа гинеа многу пред вас, за вие денес да ја распродавате – изразува длабока загриженост како Македонец за Македонија во обраќањето до јавноста Горан Илијевски, претседателот на Партијата на Македонците во Србија.