Прекрасно патување низ светот на класичната музика ѝ овозможија на публиката на „Охридско лето“ истакнатите македонски уметници, обоистот Томе Атанасов и пијанистката Марија Ѓошевска. Тие настапија во црквата „Света Софија“ во дуо, за првпат во нивните професионални кариери.
– Марија Ѓошевска е една од најдобрите пијанистки солистки во нашата држава, што многу ме радува. Ова е наша прва ваква солистичка соработка иако досега сме свиреле заедно во трио или во поголеми состави – вели обоистот Атанасов, кој најави дека ваквите соработки ќе продолжат и во иднина.
Атанасов ги добива првите едукативни насоки во музиката во Средното музичко училиште во Скопје, во класата на својот родител и педагог м-р Васил Атанасов. Добитник е на стипендија во САД (2002) во класата на познатиот педагог Даниел Столпер, каде што добива богато уметничко искуство. Студиите ги продолжува на Универзитетот за уметности во Есен, Германија, во класите на проф. Пјер Фајт и Михаел Низеман. Меѓу неговите ментори се вбројуваат имиња на прочуени педагози, обоисти од светот: Давид Волтер, Штефан Шили, Џон Мек, Илејн Дувас, Џозеф Робинсон, Алексеј Огринчук, Вaшингтон Барела, Христо Касметски и други. Звукот на неговата мелодична, привлечна за уво интерпретација, продолжува да го носи на врвни концертни сцени на кои свири фасцинантно освојувајќи ја целосно публиката.
– Фестивалот „Охридско лето “ го следам секоја година кога сум овде. Порано, во летниот период често бев на турнеи, а и долго време живеев во Германија, па не бев тука, но секогаш на интернет следев што се случува. Што се однесува до програмата со која настапивме, таа беше разновидна. Имаше дела од барок до модерно. Опфатена беше широка програма, од романтизам до постмодерни работи – додава Атанасов.