Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција ќе се одржи од 20 мај до 26 ноември 2023 година, на темата „Лабораторија на иднината“, зададена од кураторката на изложбата, Лесли Локо.
– Архитектите имаат единствена можност да создадат амбициозни и креативни идеи, кои ни помагаат да замислиме заедничка, поправедна и оптимистичка иднина – вели архитектката и новелистка Лесли Локо.
Темата ги провоцира архитектите да замислат дека Венециското биенале е само по себе еден вид лабораторија на иднината, време и простор во кој се поставуваат прашања за релевантноста на дисциплината за овој свет и за светот што доаѓа. Денес зборот „лабораторија“ е општо поврзан со научното експериментирање и евоцира слики од одреден тип соба или зграда. Лесли, исто така, демонстрира решителност и храброст во користењето два злоупотребени, но незаменливи збора во нејзиниот наслов – лабораторија и иднина – за да ја врати целосната важност на нивното значење.

Министерството за култура деновиве го објави конкурсот за учество на Македонија на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година, во организација на Венециското биенале. Право на учество имаат правни лица што аплицираат со проекти во една од следниве категории: самостојна изложба/проект на архитект; изложба/проект на група архитекти. Под правни лица се подразбираат установи од областа на културата (национални, локални или приватни), здруженија, сојузи, асоцијации и други правни лица регистрирани за вршење дејност од областа на културата/архитектурата. Селекцијата на проектите ќе се врши во согласност со исполнетите приоритети и услови и оцените од евалуацијата на квалитетот на проектите.
Конкурсот трае до 22 септември.