„Светлините на астерот“ – мото на 17. „Астерфест“

61

Од 5 до 9 август во Струмица

Лауреат на наградата „астер“ на фестивалот „Астерфест“ за животно дело од областа на филмската уметност е легендата на југоисточноевропскиот филм Желимир Жилник, автор на низа култни филмови, меѓу кои и „Рани трудови“, за кој ја доби наградата „златна мечка“ во Берлин. На отворањето на фестивалот на 5 август вечерта ќе биде прикажан блок составен од седум ексклузивни кратки играни филма: македонскиот „Северен Пол“ на Марија Апчевска, црногорскиот „Божилак“ на Александар Вујовиќ, австралискиот „Аjкула“ на Наш Еџертон, данскиот „Во мојот ум“ на Мартин Стренџ-Хансен, американскиот „Писмарницата“ на Елвира Линд, иранскиот „Сведок“ на Али Азгари и белгиско-францускиот „Титан“ на Валери Карној.

Втората вечер ќе се прикаже блокот со кратки документарни филмови: полскиот „Балконски концерт“ на Дијана и Кжиштоф Кадлубовски, шкотскиот „Поглед на заливот“ на Даниел Кук, косовскиот „Раселени“ на Самир Карахода, молдавскиот „Вујко ми Тудор“ на Олга Луковницова, како и американскиот оскаровец „Кралицата на кошарката“ на Бен Праудфут. Третата вечер ќе бидат прикажани анимираните филмови: полско-британскиот „Домашар“ на Ева Смик, чешкиот „Мравкин град“ на Марек Напрстек, словенечкиот „Стекџилница“ на Шпела Чадеж, бугарскиот „Вљубени черупки“ на Сливен Димитров, мексиканскиот „Тио“ на Хуан Хозе Медина и данскиот „Џелатот дома“ на Мајкл и Ури Кранот. Четвртата вечер е предвидена за проекција на филмот во чест на годинашниот лауреат, „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак.

За затворањето на 9 август ќе има специјална премиера на најновиот македонски документарец „Трн“ на Никола Пијанманов (сценарио) и Столе Ангелов (кинематографер и монтажер). Филмот „Трн“ е суптилна и моќна филмска приказна за актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков Трн. Дизајнот на звукот е на Ставро Ангелаков, а во филмот, покрај Трн, учествуваат и Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова и Дејан Ангелов, кој е и уметнички соработник на проектот.
Стручното официјално жири е составено од Мими Ѓоргоска-Илиевска, Владимир Перовиќ, Мимоза Рајл и Столе Ангелов. Сите вечерни проекции започнуваат од 20 часот, во летниот амфитеатар во Градскиот парк, а придружните настани ќе бидат во „Европска куќа“ во Струмица. Фестивалот „Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица.