Августовската програма на Кинотеката на Македонија започнува со неколку актуелни француски филмови. Играниот „Париз – љубовна приказна“ на Жак Одијар е забавна колекција на испреплетени приказни за ликовите што се спојуваат во 13-от арондисман на француската престолнина, а документарниот „Кадифена кралица“, на авторите Мари Амиге и Венсан Миние, ни раскажува сторија за потрагата по снежниот пантер. Следува „Сѐ помина добро“, суптилна драма со добро познатиот ракопис на Франсоа Озон, овој пат на секогаш контроверзната тема за евтаназија – убиство од милосрдност.

„Вселенско момче“ на Оливие Перу е филм за најмладата публика, со приказна за 11-годишно момче што има голема љубов кон вселената и науката. Јапонскиот филм „Тркало на среќата и фантазија“ на Рајусуке Хамагучи раскажува три приказни за три женски лика и ги следи односите меѓу нивните избори и каењето: неочекуван љубовен триаголник, неуспешна замка за заведување и средба што произлегува од едно недоразбирање.

Во августовската програма повторно има проекции на исклучителниот француски филм „Титан“ на Жулија Дукурно, филмска бајка за возрасни, исполнета со гнев, љубов и осаменост, која ја освои „златната палма“ во Кан во 2021-та, а Дукурно ја подели јавноста со оваа контроверзна филмска сторија. Филмот забележа над 110 номинации на филмските фестивали, освои 28 награди, а со него свечено беше затворено минатогодишното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Германскиот филм „Фабијан“ на Доминик Граф, со приказна сместена меѓу потстанарите на Берлин и неговото подземје во 1930-тите години, каде што борделите се уметнички ателјеа, а на улиците се нацистите со нивните гласни и навредливи пароли, освои петнаесетина номинации и шест награди на германските филмски фестивали.

Чилеанскиот наслов „Ема“ на Пабло Лараин е филм со неверојатна енергија, добра музика и фантастична кореографија, а за ролјата на Маријана Ди Хироламо велат дека е една од најдобрите креации во светскиот филм во 2019-та. Авантуристичката акција „Планина на смртта“ на Ли Јун е еден од најгледаните кинески филмови годинава во светот, со приказна фокусирана на скромноста и личната заложба на главните јунаци, бидејќи дејството не се занимава со спасување на целиот свет, туку на својот град, својот микроуниверзум, во кој непријателот не е некој странец со супермоќи туку природна катастрофа.

„Јалда, ноќ за прошка“ во француско-белгиско-иранска копродукција, во режија на Масуд Бакши, го поставува прашањето дали телевизиските реални шоуа може да бидат замена за правдата. Во Иран може, ако даде Господ! Францускиот наслов „Светот по нас“ на Лода Бен Салах е приказна за шесте месеци во животот на сиромашниот Лабиди, омеѓени со рокот од издавачката куќа и романсата со една убава студентка. Германскиот „Голема слобода“ на Себастијан Мајзе говори за машката хомосексуалност третирана како кривично дело во Германија низ два века и неколку сосема различни општествено-државни уредувања. Полскиот филм „Пот“ на Магнус фон Хорн е филм за инфлуенсерите на социјалните мрежи, прикажан низ призмата на една згодна, популарна и обожавана фитнес-инструкторка. „Ноќ на кралевите“ на Филип Лакот е филм снимен во џунглата на Брегот на Слоновата Коска, каде што затворот под отворено небо е арена во која животот се спасува или губи со раскажување приказни. Хрватскиот филм „Мајка“ на дебитантот Јуре Павловиќ е сторија за трауматизирана жена малтретирана од страна на мајка си.