На 9 април на „Школка“ во Градскиот парк во Скопје

Во годината кога „Колибри“ го одбележува својот голем јубилеј, 65 години од излегувањето на првиот број во дневниот весник „Нова Македонија“, како единствен додаток за деца во македонскиот медиумски простор, сакаме својата радост да ја поделиме со нашите млади читатели.
Токму затоа, драго ни е што на 9 април, на популарната сцена под ведро небо „Школка“, во Градскиот парк во Скопје (во 12.50 часот) ќе бидеме дел од настанот „Играме заедно пак“, кој ќе се одржи по четврти пат. Тој е замислен како своевидна алка на поврзување, каде што децата со атипичен и типичен развој ќе играат, ќе пеат и ќе сликаат заедно.
Иницијатори за оваа хумана дружба, која ќе трае од 11 до 14 часот, се Денис Јанкуловски (омилениот Космонаутко) и здружението „Аутизам ААМК“.
Ќе ги потсетиме присутните зашто „Колибри“ успешно лета 65 години заедно со сите деца, ќе поделиме книги, ќе се насмееме и ќе се дружиме со сите учесници, а меѓу нив се и дечињата до градинките „25 мај“ и „Спирит“, ДУЦОР „Партениј Зографски“, фолклорното друштво „Етнос“, ученици од ОУ „Кузман Ј. Питу“, танчарите од „Данса латина“, Тијана Периќ, членовите на градски инклузивен хор „Ветерница и Трисомија“, МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Мето ди Флеш и многу други.

М.Т.