Меѓународни успеси

Македонската телевизија, како носител на лиценцата за учество на нашата земја на „Евровизија“ и на „Детската евровизија“, неодамна ја претстави песната „Кажи ми, кажи ми кој“ („Tell me who“), со која Тамара Грујеска ќе ја претставува Македонија на „Јуниорскиот евросонг“, кој ќе се одржи во Ница, Франција. Како автор на музиката се потпишува Роберт Билбилов, миксот и мастерингот се на Дарко Димитров и Роберт Билбилов, додека текстот е заеднички на Билбилов и Коста Петров. Видеозаписот е во режија на Огнен Шапковски.
„Јуниорскиот евросонг“ во Ница ќе се одржи на 26 ноември, а Тамара беше избрана за наш претставник во мај, на аудиција во МРТ.
Таа јавно се заблагодари за шансата што ја доби.
– Упатувам голема благодарност до Македонската радио-телевизија, Роберт Билбилов и Дарко Димитров за прекрасната песна, благодарност до Огнен Шапковски за уникатниот спот и до сите други што неуморно работеа и сѐ уште работат за македонското претставување во Ница – вели Тамара.

Инаку, оваа талентирана тинејџерка ги прави првите почетоци во светот на музиката на пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и во странство. Препознатлива е по моќните изведби и неверојатниот вокал, кој освојува и никого не остава рамнодушен. Доказ за тоа се и големиот број награди што ги освојува, не само во Македонија туку и на интернационални натпревари.
Тамара е ученичка во седмо одделение во основното училиште „Гоце Делчев“ во Гостивар, а паралелно посетува и седмо одделение во основното музичко училиште „Тодор Скаловски“ во Тетово, отсек „соло пеење“.
Песната „Кажи ми, кажи ми кој“ („Tell me who“) и спотот се достапни онлајн на официјалната јутјуб-платформа на „Џуниор јуровижн сонг контест“ (Junior Eurovision Song Contest).

М.Т.