Јапонија и нејзината вселенска агенција наречена JAXA со децении се обидуваат да овозможат пренос на сончева енергија од вселената, а сега е одреден краен рок, кој е 2025 година.
Во 2015 година, научниците од JAXA направија голем напредок кога пренесоа 1,8 киловат енергија на растојание од 50 метри од безжичен приемник. Тоа е доволно енергија за напојување електричен котел, а сега Јапонците се подготвени оваа технологија да ја „приближат“ до реалноста.
Јапонското јавно-приватно партнерство има цел да ја пренесе сончевата енергија од вселената до 2025 година. Проектот го води Наоки Шинохара, професор од Универзитетот во Кјото, кој работи на сончевата енергија од вселената од 2009 година, а планот е да лансира серија мали сателити во орбитата. Тие сателити ќе се обидат да ја пренесат сончевата енергија што ја собираат на копнените станици оддалечени стотици километри.
Употребата на орбитални соларни панели и микробранови за испраќање енергија на Земјата за првпат беше предложена во 1968 година. Оттогаш, неколку земји, вклучувајќи ги Кина и САД, инвестираа време и пари за да ја направат оваа идеја реалност. Технологијата е многу привлечна бидејќи орбиталните соларни „полиња“ претставуваат потенцијално неограничено снабдување со обновлива енергија. Во вселената, соларните панели можат да собираат енергија без оглед на времето од денот, а користењето на микробрановите за пренос на енергијата што ја произведуваат го елиминира проблемот со облаците.
Меѓутоа, дури и ако Јапонија успешно распореди сет на орбитирачки соларни низи, технологијата сепак би била поблиску до научната фантастика отколку до реалноста. Причината е фактот што производството на низа што може да произведе еден гигават енергија, односно како еден нуклеарен реактор, би чинело околу седум милијарди долари користејќи тековно достапни технологии.