Во националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, в четврток, во 19.30 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска, со наслов „Парадоксот на автентичноста“.
Милена Арсовска е родена во 1985 година во Куманово. Таа работи како професорка по графички дизајн и графички предмети во СОУ „Перо Наков“ во Куманово, на насоката за графички дизајн. Има завршено средно уметничко училиште во ДСУПУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, отсек графика. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, педагошка насока, насока графика во класата на проф. Трајче Блажевски, каде што работи две години како демонстраторка по графика и графички техники. Исто така, таа изработува илустрации за книги, графики, слики, икони, фрескоживопис и графички дизајн. Има учествувано на повеќе меѓународни ликовни колонии, групни изложби, ликовни работилници и проекти. За својата работа има добиено повеќе награди и признанија.
– Понекогаш чекањето на вистинскиот момент за свое самостојно претставување пред ликовната публика и критика може да биде добра одлука, која ќе резултира со една зрела, осмислена и технички (во ликовно-естетска смисла) беспрекорно изведена колекција на нови дела – автентични по визуелните атрибути вметнати во сликите, но исто така и универзални по нивната тематската преокупација – вели историчарот на уметноста Роберт Цветковски.
Токму таков случај е изложбата „Парадоксот на автентичноста“ од авторката Милена Арсовска, која можеме да ја видиме во едно интегрално издание во кое се чувствуваат повеќегодишните искуства собрани од работата на графичкиот оддел на факултетот, учеството на групните изложби, колонии, ликовни проекти, па и искуства од ликовно-педагошкиот едукативен процес гледан од визура на професор по графички дизајн.
– Изборот на актуелни теми од нашето непосредно опкружување (вештачка интелигенција, харп, клон, новото нормално, енергетска криза, ГМО и др.) укажува на загриженоста на авторката за повеќе аспекти од современото живеење. Обидот да се укаже на нив и нивното актуализирање е впрочем и единственото нешто што уметноста може да го стори. Во таа насока изложбата на Милена Арсовска успешно ја остварува исконската мисија на уметникот и неговите настојувања со своите креации да го направи светот подобро место за живеење – додава тој.