Избрани најдобрите просветни работници на Град Скопје, награда и за „Колибри“

Здружението на просветни работници на Град Скопје постои од 2001 година и е познато во јавноста. Секоја година во соработка со Град Скопје ја организира манифестацијата „Просветен работник на годината на Град Скопје“, каде што им се доделуваат признанија на најуспешните просветни работници од изминатата година според одредени критериуми.
Минатата среда, во Младинскиот културен центар се одржа манифестација со пригодна програма, на која им беа доделени признанија на најдобрите меѓу најдобрите просветни работници на територијата на градот Скопје во следните категории:

1. Воспитувачи (детски градинки и ученички домови)
– Суза Ангелевска, воспитувачка во ЈУОДГ „Орце Николов“
2. Одделенски наставници
– Љиљана Атанасова, одделенска наставничка во ООУ „Живко Брајковски“
3. Предметни наставници од основните училишта
– Вера Ангеловска, предметна наставничка во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“
4. Наставници од средните училишта
– Вјенцислав Рангелов, наставник во СУГС „Никола Карев“
5. Наставник од заедниците
– Насер Мифтари, наставник во СУГС „Зеф Љуш Марку“
6. Стручни соработници
– Милица Серафимовска, дипломиран дефектолог при ОУРС „Златан Сремец“
7. Специјални признанија за особен придонес
– Раде Илиевски, наставник во ООУ „Исмаил Ќемали“ за особен придонес во воспитно-образовната и хуманитарната дејност
– Томислав Маниќ, за 40-годишен особен придонес во воспитно-образовната дејност
Признанијата ги доделија претседателката на здружението, Катерина Митковска, и заменик-градоначалникот на Град Скопје г. Александар Трајановски.

Фото: Здружение на просветни работници на Град Скопје

Фото: Здружение на просветни работници на Град Скопје

На манифестацијата се доделија и благодарници за соработниците и поддржувачите на здружението во реализација на нивните активности. Беа присутни и им беа доделени благодарници на поети, писатели, новинари, пејачи, уметници, хуманитарни организации, фондации и други организации и поединци.

Меѓу наградените е и уредничката на „Колибри“, единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат, Марија Таушанска, која доби Благодарница како поддржувач на активностите на учениците и нивните ментори наставниците, на страниците на дневниот весник и портал „Нова Македонија“.