Македонскиот филм „М“, во режија на Вардан Тозија, денеска ќе биде прикажан на фестивалот „Триесте сајенс плас фикшн“ во Трст, Италија. Ова е италијанска премиера на филмот работен по сценарио на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и од Луксембург, со мнозинска македонска продукција.
Фестивалот во Трст се одржува од 27 октомври до 1 ноември, во организација на Центарот за кинематографско и аудиовизуелно истражување и експериментирање, кој ги носи најдобрите продукции од жанрот фантазија на големото платно. Оваа година има над 50 светски, меѓународни и национални филмски премиери во три натпреварувачки програми, во присуство на режисери, актери и автори од целиот свет.
– Фестивалот на научна фантастика во Трст отсекогаш бил во првите редови на истакнување важни актуелни прашања, со фокус на квалитетот што е незаменлив. Секогаш еден чекор понапред од космичката крива, мисијата на фестивалот е да го поттикне жанрот во нови возбудливи насоки за нашата публика, која постојано се зголемува – вели уметничкиот директор на фестивалот Алан Џонс.
Во дистописката приказна на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила улогите ги толкуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски. Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес.