Фото: Маја Јаневска-Илиева

Очигледно европските челници се свесни дека секаков понатамошен притисок би бил контрапродуктивен, па затоа и нивната реторика е помека бидејќи знаат дека и самата Унија мора внатрешно да се реформира за да може да прима нови членки и со пакет економска помош ќе се обиде да ги мотивира земјите кандидати да го задржат европскиот курс и да чекорат кон членство, без оглед какво и да биде тоа и кога и да се случи. Во тој контекст, посетата на Фон дер Лејен може повеќе да се оцени како проштална, пред завршувањето на нејзиниот мандат, отколку како некаква форма на притисок

Дали и меѓународниот фактор увиде дека уставните измени се јалова работа

Како што привршува скрининг-процесот на Македонија со Европската Унија така сè појасно станува дека нема да се случат уставните измени поради противењето на мнозинството македонски граѓани, поради што полека спласнува и меѓународниот притисок за заокружување на целиот процес.
Тоа можеше да се заклучи и од завчерашниот настап на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен во Скопје, која повтори дека уставните измени се услов за отворање на преговарачките поглавја, но услов, како што рече, се и внатрешните реформи, особено во делот на независноста на судството и на борбата со корупцијата.
Очигледно европските челници се свесни дека секаков понатамошен притисок би бил контрапродуктивен, па затоа и нивната реторика е помека бидејќи знаат дека и самата Унија мора внатрешно да се реформира за да може да прима нови членки и со пакет економска помош ќе се обиде да ги мотивира земјите кандидати да го задржат европскиот курс и да чекорат кон членство, без оглед какво и да биде тоа и кога и да се случи. Во тој контекст, посетата на Фон дер Лејен повеќе може повеќе да се оцени како проштална, пред завршувањето на нејзиниот мандат, отколку како некаква форма на притисок.
Несомнено спласнува притисокот за уставни измени и од официјален Вашингтон, кој точно знае како стојат работите на терен, па свесен дека во овој момент нема простор да се направи промена на Уставот, се фокусира на внатрешните состојби во земјава и притиска таму нешто да се менува, особено во делот на владеењето на правото и борбата со корупцијата.
Некои од аналитичарите се согласни дека притисокот е далеку од оној каков што беше случајот пред потпишувањето на Преспанската спогодба, кога до последен момент сите европски врвни лидери доаѓаа и притискаа што поскоро да се заврши таа работа.

– Не мислам дека ќе има некаков поголем притисок дури мислам дека ова е последна посета на некој странски политичар од повисок ранг, така што не очекувам многу други посети на европски политичари во следниот период. Од ЕУ ова е највисокото ниво што можеше да се случи, а Вашингтон сметам дека нема повеќе да оди по оваа патека. Не исклучувам до крајот да има уште некоја посета од Германија и Франција и ќе се заврши на тоа. За разлика од Преспанскиот договор кога беа вклучени врвни европски политичари, околу уставните измени не се вклучи дури ни вториот, туку се вклучи третиот ешалон на политичари и дипломати, што покажува дека интересот на ЕУ повторно да се занимава со нас е помал и второ, очекуваат самите да си ја завршиме домашната задача бидејќи самите сме прифатиле обврска да направиме уставни измени – вели Александар Кржаловски, политички аналитичар.
Тој не очекува нов странски притисок за уставни измени бидејќи станало јасно оти ниту по една и пол година од прифаќањето на „францускиот предлог“, уставните измени не биле направени.

– За жал, сега останува само варијантата на закана и поткуп, нема друга варијанта на убедување. Помина времето на убедување и видовме дека опозицијата си остана на ставот да не поддржи уставни измени, така што останува или преспанското сценарио со закани, односно на „балкански начин“ или, пак, коруптивно да се обезбедат потребните пратеници. Сега никој од Западот не сака на таков начин да се реализира процесот на уставни измени бидејќи се свесни какви други ломови можат да настанат во државата, па затоа го намалуваат притисокот и оставаат сами да си ја завршиме работата – констатира Кржаловски. С.Т.