Утревечер, во 20 часот, во културниот центар „Јадро“ ќе се одржи мултимедијалниот и интердисциплинарен настан „Кодирана поезија – визуелна поезија на иднината“. Станува збор за мултимедијален проект што ги обединува уметноста на зборот – поезијата, визуелната уметност – сликарството и анимацијата, модниот дизајн, аудиодизајнот и видеодизајнот.
Вечерта ќе се случи промоција на збирката избор поетски минијатури, визуелни песни и кодирани песни „Холограм од спомени“ од Елена Пренџова, а промотор ќе биде писателот Санде Стојчевски. Според авторката, кодираната поезија претставува визуелна поезија на 21 век, континуирана еволуција на визуелната поезија од минатите векови. Промоцијата ќе биде проследена со изложба на кодирани песни во програмски јазик од самата авторка и на софтверскиот инженер Владимир Петровиќ од Белград, Србија.

Ликовната уметница и модна креаторка Јана Манева-Чупоска ќе ги искористи кодираните песни како мотиви во свое сликарско дело, но и како мотиви на модни парчиња што ги изработи заедно со професионалната моделарка Гордана Божиновска, а закитени со плетените модни додатоци од пензионерката, учителка-негувателка во пензија Марика Велкова. Ќе биде проектирано и арт-видеото на видеоавторката Вероника Камчевска, придружено со аудиодизајнот на аудиодизајнерот, кој работи исклучиво на арт-инсталации и експериментални и документарни филмови, Горан Москов, кое така ги користи кодовите како предлошка.