Повеќе од половина век по првиот престој во Македонија, американско-израелскиот антрополог и фотограф Нил Фолберг во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ја промовираше фотомонографијата „Огледало во Македонија“. Книгата, која е во издание на „Арс ламина – публикации“, е етнографска фоторепортажа за нашата земја од седумдесеттите години на минатиот век. Во неа има избор на фотографии што авторот ги снимил за време на својот престој во Македонија, кои поради разни околности досега не биле ниту публикувани ниту изложени во Македонија. Промоторка на фотомонографијата беше Илина Јакимовска, уредничката на книгата.
Во 1971 година, студентот и надежен фотограф Нил Фолберг привлечен од Македонија и од нејзината динамична фолклорна култура ја посетил нашата земја. Тој добил стипендија од Универзитетот на Калифорнија во Беркли за да помине пет месеци фотографирајќи пејзажи и луѓе во оваа нерамна планинска земја, во тоа време дел од Југославија.
Промоторката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија вели дека кога првпат ги видела фотографиите на Нил Фолберг од Македонија, била заведена од нивната убавина, но и вчудовидена од фактот дека ги гледа првпат од времето кога биле создадени.
Со објавувањето на книгата „Огледало во Македонија“, за Нил Фолберг конечно завршува една приказна, која почна пред повеќе од 50 години. Тој е роден во Сан Франциско, во 1950 година. Денес живее во Израел, каде што ја води галеријата „Визија“ во Ерусалим. Има објавено и други книги, меѓу кои се „И јас ќе живеам меѓу нив“ и „Небесни ноќи“. Неговите фотографии се изложувани во музеи и галерии низ целиот свет, а неговите принтови се наоѓаат во големи музејски колекции.