Членките на Обединетите нации го усвоија првиот договор за заштита на морскиот живот на отворено море, кој генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го поздрави како „историски договор“ што му дава на океанот „шанса за борба“.
Тој изјави дека климатските промени ги нарушуваат временските шеми и океанските струи, како и дека предизвикуваат пораст на температурата на морето.
– Тие ги менуваат морските екосистеми и видовите што живеат таму, а морската биолошка разновидност е нападната од прекумерен риболов, експлоатација и закиселување на океаните – рече Гутереш.
Генералниот секретар на ОН рече дека договорот е од витално значење за решавање на овие закани и ги повика сите земји да го потпишат и ратификуваат што е можно поскоро.
– Ова е клучно за справување со заканите со кои се соочува океанот – рече Гутереш.
Океаните произведуваат најголем дел од кислородот што го дишеме и апсорбираат јаглерод диоксид, што ги прави сè поважни во намалувањето на емисиите на јаглерод што го поттикнуваат глобалното затоплување, меѓутоа, само еден процент од огромните пространства на океаните моментално е заштитен, пренесува „Асошиејтед прес“.
Новиот договор ќе биде отворен за потпишување на 20 септември, за време на годишниот состанок на светските лидери во Генералното собрание, а ќе стапи во сила кога ќе го ратификуваат 60 земји. Договорот ќе создаде ново тело, кое ќе управува со зачувувањето на животот во океаните и ќе воспостави морски заштитени подрачја на отворено море.
Дополнително, ќе се воспостават основни правила за спроведување процени на влијанието врз животната средина за комерцијални активности во океаните.