Северниот и јужниот магнетен пол во иднина сигурно ќе се заменат, но никој не знае кога. Некои дури веруваат дека тоа веќе се случува. Последиците би можеле да бидат катастрофални. Научниците одамна знаат дека во изминатите 83 милиони години, северниот и јужниот магнетен пол (да не се меша со географскиот) се промениле најмалку 183 пати. Во просек, тоа се случува на секои 450.000 години, а помеѓу тоа „се обидуваат“ да се разменат, но не успеваат. Потребни се од 1.200 до 1.400 години за да се вратат магнетните полови, а студиите покажуваат дека за тоа време јачината на магнетното поле на Земјата се намалува. Последен пат Земјата доживеала целосна замена пред 780.000 години. Временската шема на ротација на половите покажува случајна распределба, но научниците се сигурни дека половите дефинитивно ќе се променат во иднина.

Северниот магнетен пол се движи непредвидливо

Научниците не знаат точно што предизвикува промена на магнетните полови. Се смета дека е предизвикана од движењата во течното јадро на Земјата, слој дебел речиси 1.300 километри, кој започнува на 2.900 километри под површината и во кој доминираат железо и никел. Што точно се случува во ова јадро, научниците засега можат само да претпоставуваат, бидејќи никој сè уште не успеал да навлезе толку далеку под површината.
Затоа, какви било предвидувања во врска со превртувањето на магнетните полови може да се засноваат само на индиректни набљудувања. Првите навестувања дека може да дојде до пресврт на магнетните полови се појавија во јавноста во 2015 година. Во тоа време истражувачите објавија извештај со наслов „Светскиот магнетен модел“ и во него напишаа дека северниот магнетен пол се движи непредвидливо. Тоа не значеше ништо ново, но интересно е да се забележи дека се движи побрзо и побрзо (во најновиот извештај од декември 2021 година се наведува дека брзината на движење е близу 44 километри годишно). Во тоа време во јавноста се шпекулираше дали движењето укажува на размена меѓу двата пола. Дополнително за тоа придонесе и сознанието дека јачината на магнетното поле на Земјата над Јужниот Атлантик е значително намалена.
Оваа област се нарекува јужноатлантска магнетна аномалија. Мислењата на научниците што одговараа на прашањето што се случува се движеа од категорично негирање на пресврт на магнетните полови до признавање на можноста дека процесот всушност започнал. Една од најновите студии, за која пишува порталот „Спејс.ком“, смета дека аномалијата на јужниот дел на Атлантикот не е поврзана со промената на магнетните полови и дека ќе исчезне за триста години. Меѓутоа, сè уште нема јасен одговор дали се случува промена на половите.

Што би значела промената на половите?

Ако северниот и јужниот пол би се замениле, тоа би влијаело на целиот живот на Земјата. Особено за време на промените (веќе споменатиот период од 1.200 до 1.400 години), кога јачината на магнетното поле се намалува.
Според биолозите, животните шо го чувствуваат магнетното поле и го користат за мигрирање секако би биле збунети. Но и другите би биле погодени. Земјиното магнетно поле ги штити нашата планета и целиот живот на неа од високоенергетско зрачење што доаѓа од вселената, особено од нашата најблиска ѕвезда, Сонцето. Магнетното поле одбива честички со висока енергија и магнетно наелектризирани од планетите и само мал дел стигнува до нас. Доколку оваа заштита се намали, овој зголемен прилив на честички може да го оштети генетскиот материјал на живите суштества, што би се манифестирало со повеќе мутации, а со тоа и со повеќе видови на рак кај луѓето и животните. Зголеменото зрачење исто така би можело да промени некои области на таков начин што повеќе нема да биде возможен живот, што би можело да предизвика исчезнување на животински и растителни видови, пишува „Спејс.ком“.

Изливот на зрачење би влијаел и на нашиот модерен живот. Особено, тоа најмногу би влијаело на многуте сателити што ги имаме во вселената. Последиците од ова може да бидат катастрофални. Би биле погодени комуникациските сателити што пренесуваат телевизиски и радиобранови, како и интернетот, но и сателитските системи за мерење на времето, кои исто така ги контролираат електричните мрежи. Како резултат на тоа, ова може да пропадне, предизвикувајќи глобално затемнување, за кое експертите предвидуваат дека може да трае со децении. Речиси ништо не би функционирало, бидејќи нашата зависност од струја е огромна. Мобилни телефони, компјутери, апарати за домаќинство, телевизори, машини во болници, рудници, фрижидери во продавници… сето тоа ќе се исклучи или барем ќе престане да работи долго време. Системот ГПС ќе биде нарушен, што ќе влијае на сè, од навигацијата на автомобили, авиони, бродови до воени операции. Човештвото би се вратило на почетокот на 20 век или уште поназад.